Европските лидери го поддржаа планот на Трамп за Украина

21.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Европските лидери го поддржаа планот на Трамп за Украина

 Лидерите на европските земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Франција, Германија, Украина и Европската унија, денеска издадоа заедничка изјава во која изразуваат поддршка за Украина и за напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да стави крај на војната.

- Цврсто го поддржуваме ставот на претседателот Трамп дека борбите треба веднаш да престанат и дека сегашната линија на контакт треба да биде почетна точка за преговори, се вели во изјава на британската влада.

- Мораме да го засилиме притисокот врз руската економија и одбранбена индустрија, сè додека Путин не биде подготвен за мир. Развиваме мерки за користење на целосната вредност на замрзнатите руски суверени средства за Украина да ги има потребните ресурси, додаваат тие.

Замрзнувањето на конфликтот долж постојните линии на фронтот би претставувало значително поголема отстапка за Украина, која се обидува да ја врати целата територија на истокот и југот на земјата што Русија ја зазеде од 2014 година, вклучувајќи го и Крим, а особено по руската инвазија во февруари 2022 година.

Американскиот претседател претходно оваа недела изјави дека е отворен за замрзнување на конфликтот долж постојните линии на фронтот, и тоа помалку од еден месец откако сугерираше дека Украина би можела да ја врати целата своја територија.

Неговите коментари ја оживеаја загриженоста дека би можел да го принуди Зеленски да ѝ предаде територија на Русија.

Русија порача дека нејзиниот став за војната во Украина „останува непроменет“, што е реакција на најновиот повик на американскиот претседател да се замрзне конфликтот долж постојните линии на фронтот.

Кремљ и претходно ги одбиваше повиците за прекин на огнот, со образложение дека Украина би ја искористила паузата во борбите за прегрупирање и повторно вооружување. Москва затоа претпочита директни преговори за целосен мировен договор, но под услов Украина да ѝ отстапи повеќе територија отколку што таа моментално контролира.

- Оваа тема беше повеќепати покренувана, со разни нијанси, за време на руско-американските контакти, а руската страна секогаш го даваше истиот одговор, кој е добро познат: Ставот на Русија останува непроменет, рече вчера портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесе Интерфакс.

Песков ја намали важноста на изјавите на Трамп, нарекувајќи ги само „новинарски извештај“ и додаде дека имало „многу изјави“ на таа тема. Со тоа реферираше на коментарот на американскиот претседател дека прекин на огнот долж линијата на контакт би можел да биде вовед во мировни преговори.

И покрај поддршката на европските лидери за мировниот план во Украина, шансите американскиот претседател Доналд Трамп да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин се сè помали, откако подготвителната средба на клучните надворешнополитички советници на двајцата лидери е ставена на чекање.

Извори запознаени со ситуацијата потврдија дека средбата, која требаше да се одржи оваа недела, засега нема да се одржи, јави Си-Ен-Ен.

Трамп минатиот четврток, по разговорот со Путин, најави дека „се согласиле дека средбата на советниците на високо ниво ќе се одржи следната недела“. На социјалната мрежа Truth Social додаде: „Почетните средби на Соединетите Држави ќе ги води државниот секретар Марко Рубио, заедно со разни други лица кои ќе бидат одредени“.

Меѓутоа, очекуваната средба меѓу Рубио и неговиот руски колега Сергеј Лавров е одложена, потврди функционер на Белата куќа. Иако причината за одложувањето не беше веднаш јасна, еден од изворите наведува дека Рубио и Лавров имале различни очекувања за можниот крај на руската инвазија на Украина.

Во моментов не е познато како одложувањето на оваа подготвителна средба ќе влијае на планираниот самит на Трамп и Путин во Будимпешта. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата