Европски лидери, вклучувајќи го францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, ќе се придружат утре на украинскиот претседател Володимир Зеленски на неговата клучна средба во Белата куќа со американскиот претседател Доналд Трамп, јави ДПА.
На разговорите во Вашингтон ќе присуствуваат и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и финскиот претседател Александар Стуб. Исто така, присуство најави и италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Германската влада соопшти дека темите на средбата ќе вклучуваат „безбедносни гаранции, територијални прашања и континуирана поддршка за Украина во одбивањето на руската агресија, што подразбира и одржување на притисокот со санкции“.
„Патувањето служи за размена на информации со американскиот претседател Доналд Трамп по неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска“, се вели во соопштението од Берлин.
Во Париз, Елисејската палата соопшти дека Макрон ќе продолжи со координацијата меѓу Европејците и САД со цел да се постигне праведен и траен мир. Овој мир мора да ја зачува безбедноста на Европа и егзистенцијалните интереси на Украина, се додава во изјавата.
Пред разговорите во Вашингтон, Зеленски денеска е во Брисел за да учествува на видеоконференција со голем број на европски лидери, соопшти Фон дер Лајен. Макрон, Мерц и британскиот премиер Кир Стармер заеднички ќе ги предводат разговорите на таканаречената „Коалиција на подготвените“ во 15 часот по македонско време.
Коалицијата е неформална група на нации што го поддржуваат Киев против руската целосна инвазија започната во февруари 2022 година.
Оваа низа активности следува по Самитот на Алјаска во петокот меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. И покрај топлиот пречек на Трамп за лидерот на Кремљ, средбата не донесе напредок во запирањето на војната.
Ставот на Трамп за конфликтот нагло се менуваше, при што во одредени моменти ја обвинуваше Украина за инвазијата, додека во други моменти ѝ се закануваше на Москва со казнени мерки доколку напредокот кон прекин на огнот застане. Вчера, тој за Фокс Њуз изјави дека Украина треба да склучи договор со Русија затоа што „Русија е многу голема сила, а тие не се“.
Трамп, исто така, го отфрли барањето за итно примирје по Самитот, одлучувајќи се за преферираната опција на Путин за целосен мировен договор за завршување на војната.
Европските престолнини, внимателни да не бидат маргинализирани, инсистираат нивните ставови – и оние на Киев – да не бидат исклучени од дијалогот меѓу САД и Русија, кој може да ја обликува долгорочната безбедност на Европа, посочува ДПА. Европските лидери повикаа на итен прекин на огнот како прв чекор кон мир, побараа обврзувачки безбедносни гаранции за Украина и го предупредија Трамп да не им верува на уверувањата на Путин.
Зеленски, кој не беше поканет на самитот Трамп-Путин, треба утре да се сретне со Трамп во Вашингтон. Тој инсистира Украина да биде вклучена во сите преговори за нејзината иднина, особено во врска со територијалните прашања.
Лидерите што патуваат во Вашингтон сигурно ќе се потсетат на последната средба на Зеленски со Трамп во Белата куќа во февруари, која прерасна во жестока расправија на телевизија во живо. Конфронтацијата доведе до привремено запирање на клучната воена помош на САД за Украина.
Неколку медиуми објавија по Самитот во петокот дека Путин побарал целосна контрола над окупираните источни украински региони Доњецк и Луганск во замена за прекин на огнот. Трамп често ја споменува идејата за „размена“ на територии меѓу Русија и Украина за да се заврши војната. Овој предлог го вознемири Киев, кој категорично одбива да отстапи каква било своја територија на Москва. Трамп изјави дека се надева на крајот да организира трилатерална средба со Зеленски и Путин.
Стармер вчера во објава на социјалната мрежа Икс напиша: „Напорите на претседателот Трамп нè доближија повеќе од кога било до завршување на незаконската војна на Русија во Украина... Иако е постигнат напредок, следните чекори мора да вклучуваат понатамошни разговори со претседателот Зеленски. Патот до мир во Украина не може да се одлучува без него.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха денеска соопшти изјави дека разговарал со неколку свои европски колеги за време на викендот за да ги координира чекорите пред видеоконференцијата на лидерите. Преку објава на Икс тој посочи дека за да се принуди Русија да ја запре војната, Европа треба да помогне во зајакнувањето на одбранбените способности на земјата и да обезбеди „пакет за одвраќање“ за да се спречи идна руска агресија, што би вклучувало безбедносни гаранции.
Сибиха, исто така, ја нагласи потребата од зголемување на притисокот со санкции, додека Европската комисија подготвува 19-ти пакет казнени мерки.