ЕУ ги осуди израелските напади врз мировници на ОН во Либан

28.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЕУ ги осуди израелските напади врз мировници на ОН во Либан

Европската Унија го осудува израелскиот напад насочен кон единица на Привремените сили на ОН во Либан (УНИФИЛ) во неделата, што претставува најнов во низата слични инциденти во последните недели, порача портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ел Ануни, 

- ЕУ потсетува дека безбедноста на персоналот и објектите на ОН мора да бидат осигурани во согласност со меѓународното право и Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН, наведе Ел Ануни. 

Тој потенцира и дека ЕУ повторува оти сите страни мора целосно да го почитуваат договорот за прекин на огнот во Либан од 26 ноември 2024 година и го повикува Израел да се повлече од целата либанска територија. 

Инцидентот се случил во неделата доцна попладнето кога израелски дрон фрлил бомба врз патрола на УНИФИЛ во близина на местото Кфар Кила, по што врз мировниците на ОН оган отворил израелски тенк. При нападот нема повредни припадници на силите на УНИФИЛ. 

Според ОН, на истата локација претходно израелски дрон „агресивно прелетал“ над патрола на УНИФИЛ. 

Обединетите нации ги осудија инцидентите оценувајќи дека се во спротивност со резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН и претставуваат прекршување на територијалниот суверенитет на Либан. 

- Овие акции на Израелските одбранбени сили покажуваат непочитување на безбедноста и сигурноста на мировниците кои ги спроведуваат задачите поставени од Советот за безбедност во јужен Либан, порачаа ОН во неделата вечерта.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата