Дванаесетгодишно девојче е убиено во престрелка меѓу двајца мажи кои, како што се сомневаат, се расправале за паркинг место во парк во Балтимор, во американската сојузна држава Мериленд, каде во тој момент се одржувал младински фудбалски натпревар, соопшти денеска полицијата.
Полицајците дошле во паркот Леон Деј, каде пронашле девојче и жена со прострелни рани, пренесува АП.
Двајца мажи, исто така, се појавија во блиските болници и побараа лекарска помош, изјави полицискиот комесар во Балтимор Ричард Ворли на прес-конференција.
Девојчето починало во болница, додека повредите на тројцата возрасни не биле опасни по живот, изјави Ворли.
Според него, двајцата почнале да пукаат меѓу себе при расправија за која се претпоставува дека избила на паркинг простор, а куршумите ги погодиле девојката и жената.
Полицијата трага по најмалку двајца осомничени.
Ворли рече дека девојката не била директна цел на нападот.
„Знаеме дека имало некаква расправија меѓу двајцата мажи. И двајцата пукале еден во друг, а во вкрстен оган загинало 12-годишно девојче, кое најверојатно било во паркот и го гледало натпреварот“, изјави Ворли.
Полицијата ја продолжила истрагата во пространиот парк, а Ворли изјавил дека се уште не се знае колку истрели биле испукани.
Тој ги повика сите што биле сведоци на пукањето да се јават во полиција.
Градоначалникот на Балтимор Брендон Скот изјави дека е неприфатливо 12-годишно девојче да умре поради тепачка меѓу двајца возрасни мажи.
"Двајца возрасни мажи се скараа и сега нема 12-годишно девојче. Никогаш не треба да кажеме такво нешто. Тоа што се случи денес е една од најодвратните работи што сум ги видел во животот", рекол Скот.

