Вака сведоци кои биле во британскиот воз на ужасот раскажуваат за тоа што се случувало синоќа во вагоните, откако во еден момент двајца напаѓачи одненадеж станале од своите седишта и со нож в раце тргнале да убиваат патници. Десетина не успеале да се извлечат навреме и со убодни рани завршиле во болница, а дел се борат за живот.
„Беше јасно дека нешто се случува, но не знаевме поточно што се случува. Некоја минута потоа човек трчајќи дојде, беше ранет на раката и крвареше, па прво помислив дека е шега (пренк) за Ноќта на вештерките. Но, тој врескаше дека некој има нож и дека е го прободел, а по него имаше и други луѓе кои трчаа низ возот. Станав, си го земав ранецот и тргнав по нив, обидувајќи се да избегам во другиот дел на возот. “
„Ја ставив раката на еден од наслоните на седиштата за да се бутнам напред и си ја погледнав раката, целата беше облеана со крв, а кога погледнав кон седиштето и тоа беше целото во крв.
Погледнав на десно и забележав 20 луѓе како паничат, имаше тројца кои многу крвареа, еден човек се држеше на стомак од каде крвареше и долж нозете и бараше помош велејќи дека е ранет.“
Во моментите додека траел нападот додека некои бегале, други се криеле во тоалетите, но имало и луѓе кои се обиделе да им се спротивстават на насилниците.
Дел од очевидците велат дека им помогнале на вооружените полицајци да фатат еден од напаѓачите за да не се измеша во толпата и да избега.
„Имаше повеќе луѓе кои доаѓаа и минуваа низ вагонот. Јас имав ставено слушалки, но слушнав еден од нив како вика, тие имаат нож, ме избодеа. Како што доаѓаа полицајците, вооружени полицајци, им кажав мислам дека е тој напаѓачот, па кога се приближија до него, почнав да викам, легнете доле, легнете доле, додека тој мавташе со ножот, тоа беше доста голем нож. Потоа, го фатија.“
Само по осум минути откако некој од патниците успеал да се јави во полиција следела интервенцијата, која резултираше со апсења на двајцата напаѓачи. Сепак, официјалните лица велат дека засега нападот не го поврзуваат со тероризам.
„Двајца мажи беа приведени, и утрово се таму. Можам да соопштам дека едниот е 32-годишен маж, британски државјанин, и 35-годишен маж, британски државјанин со карипско потекло. Двајцата се уапсени под сомнение за обид за убиство. Двајцата се родени во Велика Британија и двајцата, како што споменав се во притвор, во две одделни полициски станици и се на распит.“
Британскиот министер за одбрана, Џон Хили, кажа дека нападот не го променил нивото на безбедносна закана во земјата која е „значителна“, додавајќи дека Велика Британија се соочува со „нова ера на закани“, наведувајќи примери за кибернапади и за „критичната инфраструктура под морето“.

