Двајца израелски војници загинаа во напад- Израел почна воена операција на Западниот Брег

24.10.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Двајца израелски војници загинаа во напад- Израел почна воена операција на Западниот Брег

„Силите започнаа прецизни, целни и темелни пребарувања на целата област за да лоцираат и демонтираат терористичка инфраструктура и оружје, додека ги испрашуваат осомничените“, соопштија армијата и Шин Бет во заедничка изјава објавена на Телеграм доцна синоќа.

Операцијата, во која учествуваат армијата, разузнавачките служби, граничната полиција и цивилната администрација, е ограничена на подрачјето од кое дејствувале напаѓачите и се очекува да трае неколку дена, се вели во соопштението.

Според армијата, двајца израелски војници се убиени, а тројца други се ранети во пукотница во близина на Хеброн претходно во петокот. Двајца осомничени палестински напаѓачи од Хеброн се убиени.

Нетанјаху објави затворање на сите премини кон Западниот Брег

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека безбедносните сили спречиле сериозен напад. Тој, исто така, објави планови за блокада на палестинската територија, што значи дека сите премини кон Западниот Брег ќе бидат затворени.

Парламентарни избори се одржуваат во Израел во вторник, а конфликтот со Палестинците е клучно прашање на кампањата. Десничарските политичари се обидуваат да привлечат гласачи ветувајќи остар одговор на палестинското насилство, додека најчесто избегнуваат да зборуваат за сè почестите напади од страна на радикалните израелски доселеници врз Палестинците на Западниот Брег, пренесува ДПА.

Војската соопшти дека ќе бидат преземени дополнителни мерки за подобрување на безбедноста во областа, вклучително и уривање на нелегални објекти што би можеле да претставуваат закана за безбедноста на местото на нападот. Безбедносните сили, додадоа тие, спроведуваат и антитерористички операции на десетици локации низ Западниот Брег.

На жителите на погодената област ќе им биде дозволено да ја напуштат зоната преку три назначени излези, откако ќе бидат проверени, се вели во соопштението. Мерките вклучуваат и блокада на Хеброн и Халхул и воспоставување контролни пунктови на патот.

Повеќе од 1.100 Палестинци се убиени на Западниот Брег од октомври 2023 година

Израел го зазеде Западниот Брег, заедно со Источен Ерусалим, за време на Шестдневната војна во 1967 година и оттогаш го држи под окупација. Денес, меѓу три милиони Палестинци, таму живеат околу 700.000 израелски доселеници.

Ситуацијата на окупираниот Западен Брег дополнително се влоши по масакрот извршен од Хамас во Израел на 7 октомври 2023 година и последователната војна во Газа. Според податоците на палестинското Министерство за здравство, повеќе од 1100 Палестинци се убиени на Западниот Брег од тогаш, за време на израелските воени операции, вооружени конфликти и напади.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата