Директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, разговараше во Каракас со привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, за соработката во разузнавањето, економската стабилност и потребата да се осигури дека Венецуела повеќе нема да служи како засолниште за американските противници, особено трговците со дрога, соопштија денеска американски претставници.
Посетата беше највисоко рангирана посета на американски функционер во земјата и прва од страна на член на кабинетот на САД откако американската војска го зароби претседателот Николас Мадуро во рација во главниот град пред речиси две недели, објави „Њујорк тајмс“.
Средбата се случи еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп разговараше по телефон со Родригез, а истиот ден се сретна и со лидерката на венецуелската опозиција, Марија Корина Мачадо.
Ретклиф отпатува во Каракас по барање на Трамп за да ја пренесе пораката дека САД со нетрпение очекуваат подобрување на работните односи со привремената влада, рече американскиот функционер, зборувајќи под услов да остане анонимен.
Американските претставници веруваат дека продолжувањето на мандатот на Родригез како привремен лидер би можело да придонесе за стабилноста на земјата на краток рок и да спречи ширење на немири по апсењето на Мадуро.
Посетата предизвика незадоволство и кај дел од опозицијата, чии поддржувачи веруваат дека Вашингтон не ја искористил можноста да го доведе на власт лидерот на опозицијата Едмунд Гонзалез, за кого меѓународните набљудувачи тврдат дека победил на изборите во 2024 година, но на кого Мадуро не му ја предал власта.
Американските претставници велат дека искуствата од Ирак, каде што ненадејното распуштање на државните институции довело до долгорочна нестабилност, влијаеле врз одлуката да се даде приоритет на постепена и контролирана транзиција во Венецуела.

