Девојка доби 20 години затвор поради брутално убиство на браќа сурфери од Австралија- ги сакала нивните гуми

20.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Девојка доби 20 години затвор поради брутално убиство на браќа сурфери од Австралија- ги сакала нивните гуми

Ари Жизел (23) се изјаснила за виновна за поттикнување напад врз тројца пријатели кои биле на сурфање во северната мексиканска држава Баја Калифорнија во април 2024 година, пишува Би-Би-Си.

Нивните тела подоцна биле пронајдени на дното на длабок бунар со прострелни рани во главата.

Фатален интерес за гуми

На судот му беше кажано дека Ари Жизел покажала интерес за гумите на камионот на сурферите и му рекла на нејзиното тогашно момче Хесус Херардо да „ѝ купи добар телефон и добри гуми за камионот“.

Хесус Херардо и уште двајца мажи, Иринео Франциско и Анхел Хесус, го следеле возилото до кампот каде што престојувале туристите. Таму биле ограбени, а потоа застрелани. Судската постапка против тројцата мажи сè уште е во тек.

Врски со нарко-картелот на Ел Чапо

Според мексиканскиот весник „Ла Сила Рота“, Хесус Херардо и Иринео Франциско имаат врски со моќниот нарко-картел Синалоа, кој со години го водеше озлогласениот нарко-бос Хоакин „Ел Чапо“ Гузман. Поради овие врски, двајцата се во Ел Хонг, затвор со максимална безбедност во Баја Калифорнија. Анхел Хесус е притворен во посебен објект во градот Енсенада.

Сепак, обвинителите веруваат дека убиствата не се поврзани со организираниот криминал, објавува Австралиската радиодифузна корпорација (ABC).

Трогателни изјави од семејствата

Семејствата на жртвите, кои учествуваа на сослушувањето преку видеоконференција, дадоа емотивни изјави. „Сонувавме да ги видиме како стареат, да имаме внуци. Сега сето тоа ни е одземено“, рече мајката на Калум и Џејк, Дебра Робинсон, според ABC. „Живееме со нивното отсуство“.

Калум Робинсон (33) беше член на австралискиот национален тим за лакрос и живееше во Сан Диего. Неговиот помлад брат Џејк (30) живеел во Австралија и патувал да го посети својот брат, а по неговото враќање го чекала нова работа како лекар. Нивниот пријател Роуд (30) бил жител на Сан Диего, а требало за неколку месеци да се ожени.

„Тој беше мојата сигурност на светот“, изјавила неговата свршеница Натали Вирц пред судот. „Мојот живот сега е кошмар“.

Осудената девојка им се извинила на семејствата

На судењето, Ари Жисел им се извинила на семејствата на убиените, велејќи дека „ништо што можам да кажам нема да ви ја надомести вашата загуба или да ви донесе мир“.

„Фокусирана сум на тоа да бидам подобра личност и многу ми е жал за вашите загуби“, рекла самохраната мајка, според Ла Сила Рота.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата