Веста предизвика силни реакции - од претпазливо одобрување на еколошките групи до загриженост кај некои околни заедници. Хакансон вели неговата цел не е да оствари профит, туку да го зачува екосистемот во една од најкритичните области на Земјата.
- Ова не е инвестиција во класична смисла. Ова е обид да се спречи Амазонија да ја премине точката од којашто нема враќање. Доколку владите не можат да дејствуваат доволно брзо, должноста е на оние кои имаат средства да го сторат она што е потребно. На Амазонија ѝ е потребна заштита сега, не за пет години, не за 10 - туку денес!, рече тој.
Хакансон, кој го стекна своето богатство со основање неколку европски „финтек“ компании, последниве години се сврте кон филантропија и климатски активизам. Тој тврди дека решил да го купи земјиштето откако неговиот тим научници предупреди дека уништувањето на шумите може да ја забрза преобразбата на Амазон во савана.
Што планира да направи со земјиштето? Според достапните информации објавени од странските медиуми, Хакансон планира да ги забрани сите видови комерцијална сеча, да воспостави природни резервати под меѓународен надзор, да финансира патроли за спречување на нелегална експлоатација и да ги вклучи тамошните заедници во своите еколошки програми.
- Ова нема да биде приватен парк. Ова ќе биде за општото добро на човештвото, само под моја привремена грижа, изјави тој за шведскиот дневен весник „Дагенс нихтер“.
Еколошките организации го поздравија планот, но со резерви. Амазонската алијанса за зачувување на природата смета дека „е позитивно што се јавува приватен инвеститор кој сака да ја зачува шумата“, но и „ниту еден приватен сопственик не смее да ја замени улогата на државата и надлежните институции“. Хакансон стои на својот став.
- Ако сакаме нашите деца да имаат кислород, мора да престанеме да размислуваме во традиционални поими. Мојата купопродажба не е совршена - но е подобра од ништо, нагласи тој.
Водачите на некои малцинства изразија загриженост.
- Се плашиме дека одлуките за нашата земја ќе ги донесува некој што живее на 10.000 километри оддалеченост, рече Матеус Караиба, претставник на етно-религиската заедница Менонити.
Глобална дебата за приватизацијата на природата, продолжува. Купувањето, имено, го покрена прашањето дали приватизацијата на природните ресурси е прифатлива стратегија за зачувување. Додека некои тврдат дека богатите филантропи можат да дејствуваат побрзо од државите, други предупредуваат дека природните ресурси не смеат да се претворат во приватни полиња.

