Чешкиот премиер не ја исклучува можноста за испраќање војници во Украина

30.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Чешкиот премиер не ја исклучува можноста за испраќање војници во Украина

Тој не ја исклучи можноста Чешка да испрати свои војници, но подвлече дека одлуката ќе зависи од природата на евентуалната мисија и од тоа дали ќе биде организирана од страна на ОН или НАТО.

- Испраќањето на чешки војници зависи од условите и карактерот на мисијата. Во 'коалицијата на подготвените' не се само земји што сакаат да испратат војници. Има и такви што помагаат поинаку, убедени дека Украина се бори и за нас, рече Фијала за „Млада фронта Днес“.

Тој предупреди дека не треба да има нереални очекувања – не станува збор за единици што директно ќе се борат против руските сили.

- Ќе зависи од многу фактори – кога ќе настапи примирје, какви ќе бидат условите за мирот, какви гаранции ќе се дадат. Дури потоа ќе знаеме дали ќе има европски воени единици и какви, истакна Фијала.

Тој подвлече дека САД мора да одиграат клучна улога во справувањето со руската агресија.

- Не верувам во решение што би значело де јуре признавање на анектираните територии како дел од Русија. Тоа не би бил крајот на агресијата, туку поттик за нова – кога Русија ќе закрепне, стручњаците велат дека тоа ќе биде за 4 до 6 години, рече премиерот на Чешка.

Фијала нагласи дека Русија нема јасно дефинирана западна граница и секогаш кога може, ја поместува.

- Ако сега кажеме: нека го задржи Крим и анектираните територии, нема да донесеме мир. Исто така размислуваа некои политичари во 1930-тите. Тоа доведе до Минхен, до жртвување на нашата држава. Наместо мир, донесе најстрашна војна, додаде Фијала.

Тој заклучи дека само Украинците може да одлучат какви компромиси се прифатливи за нив, особено кога станува збор за територија. /МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата