Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи денеска разговараше со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и ја извести Москва за плановите на Техеран за одбивање на нападите на САД и Израел, соопшти Министерството за надворешни работи на Русија.
„Иранскиот министер извести за чекорите на властите на Исламската Република Иран за одбивање на агресијата на САД и Израел, која уште еднаш ги попречи преговорите за мирно решение на ситуацијата околу иранската нуклеарна програма“, се наведува во соопштението објавено на сајтот на руското Министерство.
САД и Израел извршија серија напади врз цели во Иран, вклучувајќи го и Техеран, при што е причинета материјална штета и има цивилни жртви. Иран одговори со ракетни напади по израелската територија, како и по американските воени објекти во регионот на Блискиот Исток.

