Барнеа се очекува во Мајами да се сретне со претставникот на Белата куќа, Стив Виткоф, кој го надгледува директниот комуникациски канал меѓу САД и Иран.
Посетата на Барнеа е дел од консултациите меѓу САД и Израел по протестите во Иран и можната воена акција на САД како одговор на репресијата на режимот во Техеран.
Според Аксиос, сè уште е нејасно дали Барнеа во текот на викендот ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во неговата резиденција во Мар-а-Лаго.
Посетата на Барнеа следи по телефонскиот разговор од пред два дена меѓу Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за кризата во Иран.
За време на телефонскиот разговор Нетанјаху го замолил Трамп да ја откаже воената акција против Иран за да му даде на Израел повеќе време да се подготви за потенцијалната иранска одмазда.
Израелски извор изјави дека, покрај загриженоста за одмазда, сегашниот американски план вклучува напади врз цели на безбедносните сили во Иран, но Израел не го смета за доволно силен за значително да го дестабилизира иранскиот режим.
Американските претставници велат дека воената акција останува на маса доколку Иран продолжи да убива демонстранти.
Израелските претставници веруваат дека, и покрај одложувањето, американски воен удар би можел да се случи во наредните денови.
Израелската влада е загрижена дека Иранците ќе ги искористат ваквите преговори за да купат време и да го намалат притисокот од САД, објави „Аксиос“.

