Род Стјуарт откажа уште концерти поради болест: И натаму се опоравувам, истоштен сум (ВИДЕО)

7.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Род Стјуарт откажа уште концерти поради болест: И натаму се опоравувам, истоштен сум (ВИДЕО)

„Морам да ги откажам и презакажам моите следни шест концерти во јуни бидејќи сè уште се опоравувам од грип. Многу ми е жал пријатели. Истоштен сум и искрено се извинувам за евентуалните непријатности на моите обожаватели. Ќе се вратам на сцената и наскоро ќе се видиме“, напиша Род.

Род минатата недела за прв пат објави на социјалните мрежи дека го одложува концертот во Лас Вегас поради лошо здравје. Два дена подоцна, тој беше принуден да го откаже својот концерт на 5 јуни на истото место.

„Мојот лекар ми препиша малку повеќе одмор додека се опоравувам од грипот. Ви благодарам за вашата љубов и разбирање“, објасни тој.

Тој треба да настапи на Гластонбери овој месец.

Откажувањето на концертите само неколку недели пред закажаниот настап на фестивалот Гластонбери во Сомерсет на 29 јуни ги загрижи обожавателите кои се надеваат дека концертот нема да биде откажан.

Сер Род откри неколку детали за тоа што посетителите на Гластонбери, како и гледачите на Би-Би-Си, можат да очекуваат од неговиот настап, вклучувајќи го и повторното обединување на сцената со поранешниот колега од бендот „Фејс“, ѕвездата на „Ролинг Стоунс“, Рони Вуд.

Иако Род рече дека е горд што се враќа на сцената „Пирамида“ по 22 години како главен изведувач, тој исто така откри дека свирката ќе го чини 300.000 фунти. „Ќе ме чини богатство - 300.000 фунти“, му рече пејачот на Алан Бразил во емисијата „ТокСПОРТ Брекст“. „Морам да го вратам целиот бенд од Америка, а секако Гластонбери не плаќа за тоа“.

Тој додаде дека трошоците не го загрижуваат бидејќи настапот е чест: „Но, не би ме интересирало да чинеше милион долари, сепак би настапувал. Ова е голема чест. Всушност најголемата“.

По објавата на социјалните мрежи, Сер Род Стјуарт напиша: „По сите овие години, горд сум, подготвен и повеќе од способен да се вратам на сцената и да ги воодушевам моите пријатели на Гластонбери во јуни. Се гледаме таму!“

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата