Главна тема во фудбалската јавност е веста дека Лионел Меси на почетокот на 2027 година би можел да го напушти Интер Мајами, а веќе се шпекулира и за името на новиот клуб на еден од најдобрите фудбалери на сите времиња.
Лионел Меси има договор со Интер Мајами за уште две години, но вечерва се појавија информации дека би можел да го напушти американскиот клуб на крајот од оваа сезона.
Аргентинецот пристигна во Интер пред три години и го однесе релативно младиот клуб на Дејвид Бекам до самиот врв. Тимот од Мајами минатата сезона ја освои шампионската титула во МЛС-лигата.
Иако минатата година ја продолжи верноста кон Интер, по што се појавија информации дека токму таму би можел да ја заврши кариерата, вечерва пристигнува вест што изненади многумина.
Аргентинските медиуми објавија дека Меси би можел да го напушти Интер и на почетокот на 2027 година да се врати во татковината, каде што би ја завршил својата неверојатна кариера.
Наводно, Меси размислува за сензационално враќање во Њуелс Олд Бојс, клубот во кој ги направи првите фудбалски чекори, пред уште како дете да замине во Барселона.
Медиумите во Аргентина тврдат дека Меси во јануари ќе се врати дома и конечно ќе заигра за првиот тим на Њуелс. Тоа отсекогаш било негов сон, бидејќи станува збор за клубот за кој навива уште од најраното детство.
Во аргентинскиот клуб веќе работат на враќањето на Меси и, наводно, се исклучително оптимистични откако Лионел испратил јасен сигнал дека нема ништо против враќање во матичниот клуб.
Меси потекнува од Њуелс, но го напушти клубот пред речиси 25 години, кога замина во Ла Масија, академијата на Барселона. Потоа, во дресот на каталонскиот гигант, со златни букви ја испиша историјата на фудбалот.
Нема сомнеж дека враќањето на Меси во Аргентина би претставувало совршен крај на неверојатната кариера на човекот за кого многумина велат дека е најдобриот фудбалер на сите времиња.
Сепак, засега нема официјални информации, но се очекува некој да се огласи по сензационалните вести од Аргентина, кои сериозно ја разгореа фантазијата на фудбалските фанови ширум светот.

