Кратко и јасно. “Чаби Алонсо е шефот и тој ја има поддршката на клубот“.
Ова е пораката на челниците на Реал Мадрид по сите оние гласини дека тренерот не е по кејф на шестмина играчи, дека ја изгубил соблекувалната и дека најверојатно ќе мора да си оди.
Нема да има промени на клупата на Реал Мадрид, иако неколку незадоволни фудбалери му го свртеа грбот на Чаби Алонсо. Клупското раководство му даде целосна поддршка на тренерот.
Ова го пренесува “Марка“ во текот на попладнево.
Бројни шпански медиуми објавија дека клубот размислува за промена на Чаби Алонсо бидејќи неколку играчи се незадоволни од неговиот начин на водење на тимот. Сепак, сите незадоволни добија силна шлаканица откако клубот го поддржа тренерот.
„Чаби е шефот, тој е над сите играчи, без разлика колку се важни за тимот. Тој е лидер на проектот и никој не се сомнева во него“, пренесува Марка јасна порака од раководството на Реал Мадрид и додава:
„Реал Мадрид ги поддржува сите одлуки на Чаби Алонсо, па дури и онаа дека Вини Жуниор започнува одредени натпревари од клупата, како и различни тактички идеи“.
Се нагласува и следното:
„Клубот верува дека тој е совршен тренер за Реал. Тие му веруваат целосно“. Конфликтните приказни започнаа поради Винисиус Жуниор. Незадоволниот Бразилец се обиде да го понижи тренерот и отворено го изрази своето незадоволство од честите замени. Се шпекулираше дека покрај Вини, незадоволни биле и Феде Валверде, Родриго, Брахим Дијаз, Ендрик и Менди.

