Во Германија се повеќе се шират гласини за можно враќање на Чаби Алонсо во Бундеслигата, овој пат како тренер на Ајнтрахт Франкфурт. Позицијата остана празна по отпуштањето на Дино Топмелер. Според германското издание „Билд“, раководството на клубот го гледа шпанскиот тренер како престижна опција, а спортскиот директор Маркус Кроше инсистира на средба со него за да се истражи можноста за негово привлекување. Веста доаѓа само неколку дена откако Алонсо беше отпуштен од тренерската позиција на Реал Мадрид. Разделбата со Топмелер дојде по ремито 3-3 против Вердер Бремен и серијата неубедливи натпревари.
Според „Билд“, клубот, кој е учесник во Лигата на шампионите, разгледува и други имиња за празната позиција. Меѓу нив се специјалисти како Един Терзиќ, Марко Роуз и Роџер Шмит. Сепак, главната цел на раководството на тимот од Дојче Банк Парк е да го убеди Чаби Алонсо да ги спакува куферите и да се врати во Германија.
И покрај интересот, сепак, се чини малку веројатно дека Алонсо толку брзо ќе се врати на клупата во германската елита.
sportmedia.mk

