Нови тензии во Јунајтед: Керик се судри со ѕвезда на клубот, ситуацијата станува сè полоша

23.10.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Нови тензии во Јунајтед: Керик се судри со ѕвезда на клубот, ситуацијата станува сè полоша
ФОТО: Manchester United/FB
Кризата во Манчестер јунајтед добива сè посериозни размери. По тешкиот пораз од Комо во Лигата на шампионите, англискиот гигант се соочува со нови прашања за атмосферата во соблекувалната, односите меѓу фудбалерите и стручниот штаб, како и за иднината на тренерот Мајкл Керик.

 

Тренерот, за кого сè почесто се пишува дека е пред заминување, наводно имал жестока расправија со Матеус Куња, кој го заврши натпреварот уште на полувремето. Според англиските медиуми, Керик влегол во жестока дискусија со бразилскиот напаѓач за време на натпреварот во Италија. Инцидентот се случил при прекин на играта во првото полувреме, но деталите од разговорот не се познати. Но, нивната комуникација како прилично остра размена на мислења. Недолго потоа, Керик повторно реагирал фрустрирано откако Јунајтед ја загубил топката.

Куња, кој доби шанса на левата страна од нападот, не успеа да остави позначаен впечаток. Забележа само еден удар и 27 контакти со топката, па Керик го остави во соблекувалната на полувремето. На негово место влезе Амад Дијало, но ниту оваа промена не го донесе посакуваниот пресврт.

Инаку, Бразилецот беше важен дел од тимот по доаѓањето на Керик. На 26 настапи под негово водство постигна осум гола и забележа шест асистенции.

Фернандеш отворено ја критикуваше тактиката

Расправијата со Куња не е единствениот показател за растечкото незадоволство во редовите на Манчестер јунајтед. Капитенот Бруно Фернандеш по натпреварот јавно зборуваше за тактичкиот пристап на тимот и начинот на кој се обидел да го запре противникот.

Португалецот објасни дека стручниот штаб не барал постојан пресинг „човек на човек“, туку во одредени ситуации тимот требало да му остави простор на противникот и да се обиде да ја освои топката во вистинскиот момент. Сепак, според него, таквиот пристап може да биде опасен против квалитетни екипи, бидејќи им овозможува да стекнат самодоверба и да ја преземат контролата врз натпреварот.

Керик не остана без одговор. По дебаклот во Италија порача дека проблемот не е само во поставената тактика, туку и во залагањето на фудбалерите. Според него, тимот не може да очекува победи ако играчите не се подготвени да трчаат и во нападот и при враќањето во одбраната.

Поразот од Комо дополнително го засили притисокот врз Керик, чија екипа се соочува со низа лоши резултати. Сè повеќе се зборува за незадоволството кај навивачите, но и за тоа дали актуелниот стручен штаб може да најде решение за проблемите што станаа очигледни на европската сцена.

Особено загрижува фактот што, покрај лошите резултати, се појавуваат и јавни критики од фудбалерите, додека наводите за расправии на теренот дополнително ги поттикнуваат шпекулациите за атмосферата во тимот.

Манчестер јунајтед мора брзо да реагира и да се обиде да ја прекине негативната серија. На Керик му е потребен одговор на теренот, но и смирување на ситуацијата во соблекувалната. Продолжувањето на лошите резултати би можело дополнително да ја загрози неговата позиција, особено ако се има предвид дека сè почесто се пишува оти клубот веќе избрал нов тренер.

Наводно, Антонио Конте е многу блиску до преземање на кормилото на „Олд Трафорд“, каде што би требало да пристигне со задача да го изгасне пожарот во редовите на англискиот гигант.


sportmedia.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата