Несекојдневен организациски пропуст ја потресе фудбалската репрезентација на Кенија. По завршувањето на тренингот, автобусот со кој требало да се превезуваат фудбалерите и членовите на стручниот штаб останал без гориво, па сите биле принудени сами да бараат начин како да стигнат до хотелот.
Бидејќи Фудбалската федерација на Кенија не обезбедила резервно возило, репрезентативците на крајот нарачале неколку автомобили преку апликацијата „Убер“ и така се вратиле во хотелот.
Инцидентот се случил во пресрет на исклучително важниот реванш против Јужноафриканската Република, во квалификациите за Африканскиот куп на нации во 2027 година. Кенија на првиот натпревар, одигран во четвртокот на гостински терен, освои голем бод со ремито 2:2, а во вторник ја очекува нова пресметка пред домашната публика.
Ова е само последниот во низата проблеми со кои се соочува кениската репрезентација. Претходно, селекторот Бени Мекарти јавно откри дека тој и членовите на стручниот штаб не добиле плати и надоместоци за неколку репрезентативни собири.

