Братот на Рајан Гигс, Родри, се огласи откако легендарното крило на Манчестер Јунајтед повторно беше изоставено од списокот на кандидати за влез во Куќата на славните на Премиер-лигата. Во понеделникот беа објавени 15 имиња кои влегоа во потесниот избор, а меѓу нив се најдоа Гери Невил, Едвин ван дер Сар и Сеск Фабрегас, пишува GiveMeSport.
Иако Гигс е најтрофејниот играч во историјата на натпреварувањето и трет по број на настапи, повторно беше занемарен. Тоа го поттикна неговиот помлад брат Родри, со кој Велшанецот има многу турбулентно минато, јавно да ја прокоментира одлуката.
Неочекувана поддршка и покрај конфликтот
Откако официјалниот профил на Премиер-лигата на социјалната мрежа Х објави најава за новите два члена на Куќата на славните, Родри го изрази своето незадоволство. Во својата објава сподели видео со најдобрите потези на својот брат и остро порача:
„13 титули во Премиер лигата, безброј голови и рекорден број асистенции. #СрамотнаКуќаНаСлавни“.
Овие зборови на поддршка многумина ги изненадија, имајќи предвид дека браќата со години не разговараат, откако беше откриено дека Рајан имал афера со тогашната партнерка на Родри. Сепак, и покрај личниот конфликт, Родри ги истакна непобитните спортски факти. Гигс и понатаму е рекордер со 162 асистенции во Премиер-лигата, а неговиот најблизок следбеник, Кевин де Брујне, заостанува со дури 43 додавања.
Од друга страна, изгледа дека самиот Гигс не се грижи премногу околу изоставувањето. Во април, во разговор со Рио Фердинанд, изјави дека воопшто не размислува за тоа.
„Не размислувам за тоа додека ти не ми спомна. Тоа не се работи кон кои тежнееш. Тежнееш кон победи во натпревари и освојување на трофеи. Тоа е најважното за мене“, рече Гигс.