Полицицискиот билтен на СВР Штип последните неколку месеци зачести со информации за случаи со повредени работници кои биле донесени во болница. Само последната недела се регистрирани два вакви случаи, кога работници се повредиле додека ја извршувале својата редовна работа.
Последниот случај е од синоќа во 22:30 часот, кога во Полициската станица Делчево, од Итна медицинска помош е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен С.А.(54) од Делчево. Според пријавеното, тој се здобил со повредите при извршување работни задачи во приавтна фирма во Делчево. Увид на местото изврши увидна екипа на СВР Штип – ОВР Делчево.
Порано неделава, на 18.12.2025 во 12:00 часот во Полициската станица Пробиштип, од Итна медицинска помош е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен Т.М.(55) од Пробиштип. Според пријавеното, тој се здобил со повредите при извршување работни задачи во рудник во пробиштипско. И во овој случај е извршен увид.
Македонско здружение за заштита при работа (МЗЗПР) лани има евидентирано вкупно 133 несреќи при работа. Но, оваа бројка не го отсликува вистинскиот број на потешки несреќи на работното место.
Според податоците кои успеале да ги приберат и систематизираат од МЗЗПР, 15 работници починале, како последица на повредите на работа.
-Следбено на оваа бројка на загинати вработени, стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 2,45 односно на секои 100.000 вработени, 2 до 3 вработени гинат на работното место во 2024 година. Оваа стапка на смртност, е во благ пораст споредбено со претходната 2023 година, кога изнесувала 2.16“, пишува во извештајот на МЗЗПР.
Податоците укажуваат дека на секои 100.000 вработени, потешко се повредуваат околу 16 до 17 вработени.

