Лишено од слобода лицето кое насилно упаднало во студиото на „Инфомакс“

11.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Лишено од слобода лицето кое насилно упаднало во студиото на „Инфомакс“

Лишено од слобода лицето кое насилно упаднало во студиото на „Инфомакс“, веднаш по добиената пријава.

„Полициски службеници од ПС Кисела Вода го лишија од слобода Г.С.(43) од Скопје, веднаш по добиената пријава на 10.12.2025 во 23:45 часот од страна на А.М., водител на емисија на порталот Инфомакс, кој во СВР Скопје пријави дека во редакцијата на порталот, лоцирана на ул. „Востаничка“ во Скопје, машко лице влегло во редакцијата, додека траела програмата во живо, оштетило две врати и го попречувало емитувањето на емисијата, во која гостин бил поранешниот градоначалник С.Ј., а биле присутни и водителот М.Н. и камерман. Подоцна е утврдено дека станува збор за лице со здравствени проблеми, кое претходно било спроведувано во Психијатриска болница Бардовци“, информираат од МВР и додаваат:

„По целосно расчистување и документирање на случајот, против Г.С. ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка. Министерството за внатрешни работи и во иднина брзо и неселективно ќе ги санкционира сите случаи на напади на новинари или друго нарушување на јавниот ред и мир и против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави“.

Редакцијата на порталот Инфомакс објави дека синоќа имало упад во нивното студио додека се емитувал поткастот „Тешки муабети“.

„Лицето најпрво почна да навредува, да се заканува по живот за потоа да ја скрши вратата од дворот која е со шифра, а потоа да ја скрши и влезната врата од студиотo каде се обиде физички да се пресмета со присутните“, објави „Инфомакс“.

Водителот Александар Митовски ја прекинал емисијата. Била повикана полиција, која пристигнала за многу кратко време и веднаш биле преземени мерки за обезбедување на објектот и за стабилизирање на ситуацијата.

Според Митовски, полициската интервенција била професионална и навремена, а случајот ќе продолжи да се обработува институционално.

Според порталот, инцидентот се случил во 23:45 часот.

Со осуда за овој напад се јави Здружанието на новинарите на Македонија, во чие соопштение се вели: „Овој инцидент претставува сериозно нарушување на безбедноста на медиумските работници и директен напад врз слободата на изразување. Настанот уште еднаш ја потсетува јавноста и институциите на неопходноста од обезбедување безбедна и заштитена средина за работа на медиумите. Бараме најстрога санкција за сторителот, со цел спречување на идни напади и нулта толеранција кон насилство врз новинари“.

The post Лишено од слобода лицето кое насилно упаднало во студиото на „Инфомакс“ appeared first on NetPress.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата