Зеленски на Маск му доделил украинскиот Орден на слободата

26.08.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Зеленски на Маск му доделил украинскиот Орден на слободата

Киев истовремено бара согласност од Маск за користење на Starlink на беспилотни летала што работат во Русија. Зеленски ги наведе „придонесите на Маск во заштитата на човечкиот живот и слободата и развојот на односите меѓу народите на Украина и САД“ како причина за доделувањето на наградата.

Наградата доаѓа во време кога Украина се стреми да ја прошири употребата на беспилотни летала опремени со Starlink против руските лансери за балистички ракети. Киев се надева дека технологијата би можела да помогне во нарушувањето на способноста на Русија да напаѓа украински градови.

Според Зеленски, поширокиот пристап до „Старлинк“ (Starlink) за Украина би можел да ги намали „токму оние способности на кои Русија се потпира за да ја одолговлекува војната“.

Маск и понатаму се воздржува од дозволување терминалите на „Старлинк“ да функционираат над руска територија. Лице запознаено со ситуацијата изјави за порталот „Киев индепендент“ (Kyiv Independent) дека Маск смета оти тоа би претставувало „ескалација“ на војната.

„Старлинк“ овозможува брза комуникација меѓу украинските борбени позиции и командните пунктови. Кога системот се користи на беспилотни летала, тој може да обезбеди врска што тешко се попречува и не е ограничена од можностите на традиционалните радио-антени.

Украинските сили сè почесто користат беспилотни летала опремени со „Старлинк“ над териториите окупирани од Русија, особено на растојанија од 50 до 200 километри од линијата на фронтот. Со овие летала, тие ги напаѓаат руските логистички правци во областите каде што Киев ја интензивираше својата офанзивна кампања.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата