Клер Мекен, која е скршена од болка поради трагичната загуба, се надева дека со помош на криогено зачувување на телото ќе успее „да го врати во живот“.
„Седам покрај него во мртовечницата и го бакнувам. Знам дека од четврток морам да го ставам во вештачка вреќа за спиење, да го опкружам со мраз, затоа што само така постои дури и минимална шанса. Но ако не успеам да обезбедам пари, како да го направам тоа на моето дете?“, изјавила скршената мајка за „Дејли мејл“.
Нејзиниот син Атреју бил нејзино единствено дете. Како што истакнува Клер, за време на училишниот камп, насилници му ја туркале главата под вода, му се потсмеваа, цртаа по неговите раце и секојдневно го понижувале. Последниот месец воопшто не одел на училиште.
„Никогаш не требаше ни да го испратам таму. Системот мора да се промени. Сè додека училиштата не преземат одговорност, секое дете треба да се образува дома“, нагласила таа.
Клер Мекен вели дека малтретирањето започнало само неколку дена по првиот училишен ден на Атреју во средното училиште. Според наведеното, малтретирањето никогаш не било официјално пријавено.
Таа исто така изјавила дека Атреју бил изложен на сексуално вознемирување и континуирано вербално насилство за време на кампот, без да му биде понудена психолошка поддршка.
Министерството за образование на Нов Јужен Велс соопшти дека сериозно ги сфаќа сите наводи за малтретирање и нагласи дека има воспоставени политики за справување со таквите проблеми.
„Скршени сме поради смртта на ученик од средно училиште во Сиднеј и изразуваме најдлабоко сочувство до семејството, пријателите и членовите на заедницата“, стои во соопштението.