САД денеска организираат „глобална коалиција“ за ретките минерали

4.02.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
САД денеска организираат „глобална коалиција“ за ретките минерали

 Откако се врати на функцијата, во јануари минатата година, американскиот претседател Доналд Трамп ја спроведува својата политика „Америка на прво место“ и им се заканува на традиционалните сојузништва, но неговата администрација денеска, на средба со претставници на над 50 земји, ќе се обиде да создаде „глобална коалиција“ за стабилно снабдување со ретки минерали.

Кина, како најсилна азиска земја, која САД ја сметаат за свој долгогодишен ривал, обезбеди доминантна улога кога станува збор за клучните минерали, вклучувајќи ги и ретките земни метали кои се клучни за модерните технологии како што се паметните телефони, електричните возила или борбените авиони.

Покажувајќи ги забите во трговската војна што ја започна Трамп, Кина минатата година го ограничи извозот на ретки земни минерали, што ја наруши светската економија.

Кина, која екстрахира приближно 60 проценти од ретките земни метали во светот и преработува околу 90 проценти, во ноември им понуди на САД едногодишно продолжување на своите ограничувања како дел од договорот со Трамп.

САД постигна договори за клучните минерали со сојузниците, како Јапонија, на пример, која неделава соопшти дека пронашла потенцијални нафтени наоѓалишта во морето, но и со Австралија, Саудиска Арабија, Јужна Кореја и Тајланд.

Министерот за внатрешни работи Даг Бургум изјави дека уште 11 земји денеска ќе се приклучат и дека уште 20 се заинтересирани да учествуваат во „глобална коалиција“, термин што ретко го користи администрацијата на Трамп.

„Концептот на тоа е да имаме слободна трговија и размена меѓу земјите кога станува збор за клучните и граничните минерали“, изјави Бургум вчера во Центарот за стратешки и меѓународни студии.

Бургум рече дека новиот блок можеби не е во согласност со принципите на слободниот пазар, на кој САД традиционално се обложува, бидејќи ќе ја регулира минималната цена за одредени клучни минерали.

„Ако имате некого што предводи, што може да го преплави пазарот со одреден материјал, тој или таа има потенцијал всушност да ја уништи економската вредност на компанијата или производството на некоја земја“, наведе тој, мислејќи на Кина.

Денешниот еднодневен состанок во Стејт департментот ќе го водат американскиот потпретседател Џ.Д. Венс и државниот секретар Марко Рубио.

Меѓу присутните високи функционери ќе биде шефот на дипломатијата на Индија, која е особено загрижена за кинеската индустриска доминација и неодамна почна да ги обновува односите со Трамп, како и министрите за надворешни работи на Италија, омилениот партнер на Трамп во Европа, и Израел, кој е подготвен да поддржи какви било американски иницијативи што би ѝ помогнале да постигне подобра позиција во својот регион.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата