Ренесансна слика, пронајдена во гаража е продадена за 800.000 евра

25.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ренесансна слика, пронајдена во гаража е продадена за 800.000 евра

Во 15-минутна сесија за лицитирање на аукцијата JS Fine Art, сликата на која е прикажана Мадона со дете е продадена за 685.000 фунти (околу 780.000 евра), објавува BBC.

Се верува дека сликата е дело на ренесансниот сликар Пјетро Ванучи, познат како Перуџино (1450-1523).

„Тоа беше еден од оние моменти за кои сонува секој аукционер. Знаевме дека е посебна, но реакцијата беше над сè што очекувавме“, рече Џо Смит, основач и главен аукционер во JS Fine Art.

Сликата ја купил приватен колекционер, чиј идентитет останува непознат, и ја однел кај конзерватор на уметнички дела.

Перуџино бил еден од највлијателните уметници на италијанската ренесанса. Во раните години, тој се сметал за рамноправен со Леонардо да Винчи и му било нарачано да ги наслика ѕидовите на Систинската капела во Ватиканската палата во Рим.

„Колку подолго го гледате, толку повеќе го цените квалитетот на изработката и елеганцијата на ренесансните детали“, додаде Смит.

Продажбата постави нов рекорд за JS Fine Art, надминувајќи го претходниот рекорд на аукциската куќа од 265.000 фунти.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата