Принцот Хари не се појави на суд во процесот против издавач на британски таблоид

5.06.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Принцот Хари не се појави на суд во процесот против издавач на британски таблоид

Хари, помладиот син на британскиот крал Чарлс Трети, утре неколку часа ќе одговара на прашања на адвокатите како сведок, со што ќе стане првиот висок член на британското кралско семејство на суд во последните 130 години. Тој е еден од стотиците луѓе кои ги тужат весниците Мирор Груп (МГН), издавач на Дејли Мирор, Сандеј Мирор и Сандеј Пипл, обвинети за хакирање телефони и други незаконски активности помеѓу 1991 и 2011 година.

Процесот започна минатата недела кога адвокатите кои го застапуваат Хари и уште тројца клиенти се обидоа да докажат дека незаконското собирање информации е извршено со знаење на раководството на медиумите.

Фокусот оваа недела е на сведочењето на Хари. Неговиот адвокат, Дејвид Шерборн, му рекол на судијата Тимоти Фанкур дека Хари го напуштил својот дом во Лос Анџелес вчера навечер, откако го прославил вториот роденден на својата ќерка Лилибет, но не успеал денеска да стигне на суд.

„Неговото патување и безбедносната ситуација се такви што му е малку комплицирано“, изјави Шерборн пред преполната судница. Фанкур рече дека е изненаден од ова бидејќи побарал од првите сведоци да се појават на првиот ден од почетокот на разгледувањето на нивниот случај.

Адвокатот на MGN, Ендрју Грин, рече дека е „апсолутно извонредно“ што принцот не се појавил денеска и го обвини адвокатскиот тим на Хари за губење време на судот. Грин сака да го испрашува Хари повеќе од еден ден за 33-те написи, што значи дека принцот би можел да се врати на суд во среда.

МГН се извини на почетокот на процесот и призна дека Sunday People незаконски барала информации за Хари, нагласувајќи дека тој мора да биде обештетен за тоа. Издавачот претходно призна дека неговите медиуми учествувале во хакирање телефони и решиле повеќе од 600 случаи, плаќајќи отштета од 120 милиони долари. Но, МГН ги негира сите други тврдења на Хари, велејќи дека нема докази за нив.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата