Ендру Олдриџ од „Хенри Олдриџ и син“, во англискиот округ Вилтшир, ја опиша аукцијата како „епохална“, нагласувајќи дека таа потврдува колку приказната за трагичната судбина на познатиот брод е сè уште присутна низ целиот свет.
Удри во леден брег и потона
Часовник што ѝ припаѓал на Мери Манган, 32-годишна патничка од Ирска, бил продаден за дури 250.000 фунти, додека прстенот на Лејди Даф Гордон достигнал цена од 140.000 фунти.
Меѓу највредните предмети било писмо пронајдено на телото на неговиот автор, Рамон Гомез, патник од прва класа. Новиот сопственик платил 80.000 фунти за него.
Во писмото, бродот е опишан во многу детали - од боите во кои бил обоен, до температурата, до бројот на луѓе што вечерале.
За потсетување, Титаник отплови на своето прво патување на 10 април 1912 година, но во раните утрински часови на 15 април, удрил во леден брег и потонал. Околу 1.500 луѓе загинале во трагедијата.
Златниот џебен часовник на Мери Манган бил пронајден на нејзиното тело по бродоломот. Предметот потоа бил вратен на нејзиното семејство, заедно со други лични предмети.
Манган претходно се преселила во Соединетите Држави, а на почетокот на 1912 година се вратила во Ирска за да ги посети роднините. Часовникот неодамна бил изложен во Музејот на Титаник во Белфаст, заедно со други предмети од колекцијата на нејзиното семејство.
На продажба се повеќе од 100 предмети
На продажба се повеќе од 100 предмети поврзани со несреќниот брод. Меѓу нив биле документ за осигурување, продаден за 27.000 фунти, и редок билет за патување, кој достигнал цена од 45.500 фунти.
Меѓу предметите била и разгледница напишана од Џек Филипс, еден од главните радио оператори, кој загинал во катастрофата.
Филипс останал на работа, испраќајќи безжични повици за помош и помагајќи во координирањето на спасувањето додека бродот тонел, објавува Би-Би-Си.
Тој ја напишал разгледницата четири дена пред трагедијата и ѝ ја испратил на својата сестра Елси. Таа била продадена на аукција за речиси 32.000 фунти.
Според аукционерот Ендру Олдриџ, вкупната вредност на продадените предмети надминала 1 милион фунти, при што предметите од Титаник сочинуваат значаен дел од таа сума.
Тој забележал дека џебниот часовник го срушил рекордот за предмет што му припаѓал на патник од трета класа, додека прстенот достигнал највисока цена некогаш платена за накит од бродот.

