Последици од растењето покрај родители зависни од мобилен телефон

20.10.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Последици од растењето покрај родители зависни од мобилен телефон

Истражувачи анализирале 21 студија која опфатила речиси 15.000 деца на возраст под пет години, со цел да го утврдат колку е штетно да се расте покрај родител кој постојано е со својот телефон.

Тие ги испитувале ефектите од таканаречената „родителска употреба на технологија“ во присуство на дете. Резултатите покажаа дека влијанието врз децата, иако суптилно, сепак е мерливо. Според *YourTango*, децата кои морале да се „натпреваруваат“ за внимание со мобилниот телефон, може да ги развијат овие навики во зрелоста.

Послаби когнитивни вештини

Децата кои се борат за внимание со мобилниот телефон може да покажат послаби когнитивни вештини. Кендра Чери, експерт по образовна психологија, објаснува дека поимот „когнитивно“ се однесува на менталните процеси неопходни за стекнување знаење и разбирање, кои ги опфаќаат размислувањето, помнењето, расудувањето и решавањето проблеми.

Кога вниманието на родителот е насочено на мобилниот телефон, веројатно е дека тој помалку ќе реагира на потребите на детето; ова може да биде штетно, со оглед на тоа што когнитивните вештини се развиваат во рана возраст. Родителите кои ги игнорираат своите деца за сметка на екраните, всушност го попречуваат нивниот развој.

Склоност кон повлекување во себе

Децата кои за внимание се натпреваруваат со мобилниот телефон може да бидат помалку склони кон просоцијално однесување. Ова е однесување насочено кон помагање на другите. Во суштина, тоа опфаќа постапки што поттикнуваат поврзаност, како што се емпатија и пријателство. Децата на кои им недостасува вакво однесување, би можеле поретко да им помагаат на другите.

Децата го учат просоцијалното однесување од своите родители. Тие треба да видат пример од лицето кои се грижи за нив за и самите да станат повнимателни кон другите. Ако родителите сакаат нивните деца да развијат здрави социјални навики, тие мора да бидат присутни и да го демонстрираат таквото однесување преку сопствените постапки.

Емоционална оддалеченост од најблиските

Намалената поврзаност во овој контекст не значи дека децата се помалку зависни од своите родители; туку се однесува на квалитетот на нивната емоционална врска. Детето на кое му недостасува цврста врска со едниот или со двајцата родители, може да се повлече во себе.

Ова е логично, со оглед на тоа што раната поврзаност со родителите влијае врз односите подоцна во животот. Емоционалната поврзаност е клучна за децата да научат како да градат здрави односи, а доколку детето мора да се натпреварува со мобилниот телефон за внимание, тоа природно влијае врз неговиот однос со родителите.

Премногу време поминато на мобилни телефони

Можеби најочигледна последица е тоа што децата кои морале да се натпреваруваат со мобилниот телефон за внимание, веројатно и самите ќе поминуваат повеќе време пред екраните. Децата ги имитираат примерите што ги гледаат, особено оние што ги даваат луѓето најблиски до нив. Ако родителите постојано ги користат своите телефони, веројатно и децата ќе го прават истото.

Иако едно петгодишно дете можеби нема мобилен телефон, другите форми на време поминато пред екран – како што се таблетите, компјутерите и телевизорите – можат да бидат исто толку штетни. Светската здравствена организација препорачува децата на возраст од две до пет години да поминуваат помалку од еден час дневно пред екран.

Иако ова може да изгледа тешко остварливо, важно е да се обидеме заради развојот на детето. Како што растат, децата ќе поминуваат сè повеќе време пред екраните, што може да прерасне во доживотна навика која влијае врз нивната продуктивност и менталното здравје.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата