Губењето на коскената маса е природен дел од стареењето, но некои секојдневни навики можат значително да го забрзаат овој процес. Според официјалната здравствена статистика, само во Соединетите Американски Држави, околу 53,6 милиони луѓе над 50 години имаат остеопороза - болест што ги прави коските кршливи и склони кон фрактури - или намалена коскена маса, пишува Newsweek.
Остеопатот Карла Познер, специјалист за мускулно-скелетен систем, објаснува кои пет вообичаени навики можат да им наштетат на коските со текот на времето.
Премногу кофеин
Многу луѓе не можат да замислат ден без кафе, но претерувањето со него може да има лош ефект врз коските. Студија на австралискиот универзитет Флиндерс, која следела речиси 10.000 постари жени во период од десет години, покажала дека жените кои пијат чај имаат малку посилни коски на колковите. Од друга страна, повеќе од пет шолји кафе дневно се поврзуваат со помала густина на коските.
„Никој не мора да се откаже од утринското кафе“, вели Познер, која води клиника во лондонската болница Портланд. „Кофеинот може да ги попречи апсорпцијата на калциум и метаболизмот на коските, но умереноста е клучна. Ако пиете неколку кафиња дневно и имате други фактори на ризик, треба да ја земете предвид целата ситуација.“
Премалку движење, премногу седење
Студија од 2022 година за седечките навики во Соединетите Американски Држави покажа дека луѓето седат просечно 9,5 часа на ден. Речиси половина од тоа време го поминуваат во активности како гледање телевизија или користење компјутер, што покажува колку е статичен модерниот живот.
„Една од најголемите грешки е што едноставно не се движиме доволно“, рече Познер. „Коската е живо ткиво и станува посилна под оптоварување, поради што вежбите со телесна тежина и отпор се клучни.“ Таа објаснува дека активностите како одење, качување по скали, танцување, јога и тренинг за сила помагаат во одржувањето здрави коски.
„Како остеопат, го гледам целиот мускулно-скелетен систем, а не само коските. Силните мускули, добрата подвижност и рамнотежата обезбедуваат поддршка за скелетот. Ова го намалува ризикот од паѓања и фрактури како што стареете“, додава таа.
Заблудата околу калциумот
Калциумот е клучен за јачината на коските. Ако вашето тело не добива доволно калциум преку исхраната, почнува да го црпи од вашите коски, што може да ги ослабне со текот на времето и да го зголеми ризикот од остеопороза. Сепак, Познер предупредува дека многу луѓе се фокусираат исклучиво на оваа хранлива материја.
„На коските им е потребно многу повеќе од калциум. За здрави коски и мускули, потребна ви е разновидна и балансирана исхрана богата со калциум, витамин Д и протеини“. Познер додава дека не постои една чудотворна храна за коските, но ги охрабрува луѓето да се фокусираат на целокупното здравје преку балансирана исхрана, редовно вежбање, хидратација и поминување време на свеж воздух.
Прекумерно внесување алкохол
Мета-анализа од 2022 година од Универзитетот во Катанија, која вклучувала податоци за речиси 300.000 луѓе, открива дека три или повеќе алкохолни пијалоци дневно се поврзани со поголем ризик од фрактури на колкот.„Премногу алкохол може да го наруши природниот процес на регенерирање на коските, особено клетките што градат ново коскено ткиво“, објаснува Познер. „Алкохолот, исто така, влијае на метаболизмот на калциум и витамин Д. Долгорочно, прекумерното пиење ги слабее коските и го зголемува ризикот од фрактури“.
Чекање старост за да почнете со грижа за коските
Иако често го поврзуваме здравјето на коските со постара возраст, темелите се поставуваат многу порано. Според Американската академија на ортопедски хирурзи, повеќето луѓе достигнуваат врвна коскена маса помеѓу 25 и 30 години. По 40-годишна возраст, коскената маса почнува постепено да опаѓа.
„Можеби најголема заблуда што сметаме дека грижата за коските почнува дури во староста“, вели Познер. Таа нагласува дека грижата за нашите коски е доживотна задача, особено за жените, чие губење на коскената маса се забрзува за време и по менопаузата.

