Имено, како што објави „Гардијан“ (Guardian), тимот предводен од познатата перуанска истражувачка Рут Шејди тврдат дека пред околу 4.200 години, остра суша го принудила населението да ја напушти древната град-држава Карал.
Цивилизацијата на Карал постоела приближно во истовреме кога се развивале раните држави на Блискиот Исток и Азија. Археолозите велат дека, во новите градови и во својата нова татковина на сушниот брег на Тихиот Океан, луѓето од Карал со себе ги донеле и своите развиени украсувачки техники на градењето храм-пирамиди и кругли плоштади, коишто, исто така - типично, содржеле нови слики што им ја раскажувале приказната за нивниот опстанок на идните поколенија. Според научниците, слична населба е и Пењико - од истиот период меѓу 1800. и 1500 година п.н.е., сместена во истата долина на реката Супа, 16 километри источно од Карал. Градот Пењико бил основан околу 800 години подоцна.
- Она што најмногу се издвојува е организацијата и распоредот на населбите, структурата и дизајнот на нивните згради, појасни Мауро Ордоњез, главен археолог за Пењико.
Народот Карал си направил нов дом, каде што преживеале со поморски риболов и земјоделство во долината на реката Хуаура. Наводите говорат дека во новите населби, староседелците го понеле и својот украсен архитектонски стил со себе.
- (Староседелците) се преселиле во близина. Ги оставиле сите овие докази за луѓето по нив да не заборават дека климатските промени се многу сериозни. Тоа предизвикало криза во каралското општество и неговата цивилизација, и (тој народ) не сакал луѓето да заборават што го предизвикало сѐ тоа, изјави Шејди за време на посетата на местото каде што научниците испитувале храм-пирамида.
Низа слики откриена на ѕидовите на храм на подигната платформа прикажува тридимензионални мурални рељефи со ослабени тела - со вдлабнати стомаци и испакнати ребра. На друг ѕид прикажани се и бремени жени, обредни танчерки, големи риби... На повисокиот ѕид понатаму, се гледа глава на жаба што излегува од човечки раце, па е погодена од гром.
- По смртта, празните стомаци, се појавува жаба и гром што ја удира по главата - тоа како да најавува доаѓање на вода, толкува Шејди, говорејќи за веројатниот приказ на крајот на сушата.
Сега има сè повеќе докази дека, соочена со климатската криза, цивилизацијата не исчезнала, туку се преселиле и се прилагодиле. Овие цивилизации, коишто им претходеле на Инките, Маите и Ацтеките, имале сложени трговски системи, полова еднаквост и очигледно мирен соживот. Шејди верува дека Перуанците можат многу да научат од своите предци за живеењето во хармонија со природата.
Инаку, непогодата кај Карал можеби била дел од поголема суша за којашто некои археолози веруваат дека ги принудила луѓето да ги напуштат и поважните градови во Месопотамија, долината Инд и други познати места од зародишот на евроазиската историја. Можно е таа светска суша да довела до пропаѓање на древни цивилизации и преку океанот.
Археолозите пронашле и скелети од мајмуни коишто веројатно биле донесени преку планините од џунглата, како и грнчарија што го прикажува тоа. Непечени глинени артефакти прикажуваат мажи и жени со висок статус, со црвено обоени лица и стилизирана коса, што укажува и на полова еднаквост.
Школки од тропскиот брег на соседен Еквадор покажуваат непрекинат контакт со луѓе од север, од југ, исток и запад. Остатоци од храна покажуваат коски од риби, овошје, зеленчук како што се слатки компири, авокадо, пченка, тиква и чили пиперки, како и од памук... Трговијата се чини дека напредувала на пазарите на отворено - слично како во денешен Перу.

