Речиси 40 килограми кокаин, чувани како доказен материјал во Вишиот суд во Сува, главниот град на Фиџи, исчезнаа од судскиот сеф. Во преостанатите пакети веќе немаше кокаин, туку, според локалните медиуми, тие биле наполнети со брашно. Полицијата покрена истрага откако на 15 септември беше откриено дека недостасуваат седум од вкупно 39 пакети со кокаин. Подоцна, преостанатите 32 пакети беа подложени на форензичка анализа, при што беше утврдено дека ни во нив повеќе нема дрога. Исчезна целото запленето количество од речиси 40 килограми.
Полицијата соопшти дека дошло до манипулација со доказите и дека истрагата се фокусира на поединци кои биле директно одговорни за нивното чување во судската писарница на Високиот суд.
Според информациите, едно лице од интерес за истрагата се наоѓа во странство, а полицијата има намера да го испита.
Јавниот обвинител на Фиџи, Сироми Турага, го опиша случајот како шокантен и изјави дека ниту едно одговорно лице нема да биде поштедено од истрагата.
Кокаинот запленет уште во 2019 година Кокаинот бил запленет во 2019 година во случајот против Џошуа Азиз Рахман, државјанин на Фиџи кој поседува и канадско државјанство. Рахман бил осуден во 2021 година за поседување кокаин со намера за продажба, а дрогата останала во судот како доказен материјал за време на жалбената постапка.
Вредноста на исчезнатиот кокаин се проценува на околу 31 милион фиџиски долари (приближно 21 милион евра). Во последниве години, Фиџи се соочува со пораст на трговијата со кокаин и метамфетамин и стана клучна транзитна точка за шверц на дрога низ Пацификот, особено кон Австралија и Нов Зеланд.
Полицијата сега се обидува да утврди кога исчезнал кокаинот, кој имал пристап до доказите и како пакетите можеле да бидат заменети без тоа претходно да биде откриено.

