Наталија од Црна Гора има лице како ангел, а тело како Хулк: Тежи 100 килограма и помускулеста е и од сопругот

10.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Наталија од Црна Гора има лице како ангел, а тело како Хулк: Тежи 100 килограма и помускулеста е и од сопругот

Со обем од 51 см, најсилната Русинка има поголем бицепс од сопствениот сопруг, а не е далеку ни од Арнолд Шварценегер во неговите најдобри денови.

Родена е во градот Чита, на Рускиот Далечен Исток, на трасата на Транссибирската железница. Во меѓувреме станала светска шампионка, а ја сменила и адресата – денес живее во Црна Гора и може да ја сретнете, на пример, на улиците на Херцег Нови, каде што ќе ве воодушеви со својата импресивна, речиси холивудска појава.

Моќната дама, која во јули го прославила 34. роденден, е во мускули од глава до пети. Бодибилдингот е нејзина животна филозофија и спорт кој, како што открила во едно интервју, ѝ помогнал да стекне самодоверба. Почнала со тренинзи на 14 години со само 40 килограми. Но, како што растеле мускулите, растела и нејзината самоувереност.

„По три месеци тренерот ме праша дали сакам да учествувам на локално натпреварување. Прифатив“. Наскоро станала шампионка на Забјакалската област, а од тогаш ништо не можело да ја сопре. Сите тие часови во теретана ѝ се исплатиле кога почнале да се редат трофеи од престижни натпреварувања. Паралелно, најсилната Русинка рушела и светски рекорди – меѓу другото, во потисок од клупа и во мртво кревање.

Нејзина специјалност е пауерлифтингот, кој се состои од три дисциплини со кревање тегови. Со славата во светот на силата, Наталија го добила и прекарот Женски Хулк, а на социјалните мрежи (само на Инстаграм има 1,3 милиони следбеници) се претставува како Амазонка.

Наталија Кузњецова Фото:Instagram
 

Со висина од 170 см и тежина од речиси 100 килограми, важи за една од најсилните жени на планетата. Нејзините мерки се импресивни: обем на бицепс 51 см (како Шварценегер во своето златно време), гради 130 см, колкови 76 и половина 70. Јасно е зошто привлекува внимание каде и да се појави.

„Кога ме гледаат на улица, многумина ми приоѓаат за да се сликаат со мене. Дури знаат и која сум“, открива Наталија, која е мажена за Владислав Кузњецов, поранешен бодибилдер. Иако е помускулеста од него, вели дека на нејзиниот сопруг тоа воопшто не му пречи.

Една од најпознатите бодибилдерки денес предизвикува и восхит и стравопочит. Некои сметаат дека преголемата мускулатура не е женствена, а негативни коментари најчесто добива од „мажи кои не можат да се справат со нејзината големина“. Љубомора? Најверојатно. Што не би дале и тие за таков бицепс!

Повеќекратната шампионка во пауерлифтингот, која на Инстаграм често објавува фотографии од секојдневието – на кои, се разбира, во преден план се мускулите – верува дека секој треба сам да одлучи што сака и кон што се стреми. „Не обраќајте внимание на другите, само следете ги вашите соништа“, порачува таа.

(Блиц Жена)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата