Наследници ја оспоруваат продажбата на ремек дело на Ван Гог поради нацистички притисок

17.11.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Наследници ја оспоруваат продажбата на ремек дело на Ван Гог поради нацистички притисок

Продажбата на слика од холандскиот сликар Винсент ван Гог, чија вредност се проценува на 180 милиони долари, е доведена во прашање откако наследниците на нејзиниот поранешен еврејски сопственик поднесоа приговор, тврдејќи дека семејството било принудено да го продаде уметничкото дело под притисок на нацистичкиот режим.

Ремек делото „Цветови од костен“, насликана од Ван Гог во 1890 година, ќе биде понудена на аукција во „Сотбис“ во Њујорк во среда навечер, објавува британски „Телеграф“.

Доколку се продаде по проценетата цена, би можела да стане најскапото уметничко дело понудено на аукција во текот на есенската сезона оваа година.

Наследниците, кои живеат во Соединетите Американски Држави, тврдат дека нивното семејство било принудено да ја продаде сликата во Амстердам во 1936 година поради нацистичкиот прогон на Евреите во Германија.

Нивниот адвокат со седиште во Берлин, Гунар Шнабел, побара аукцијата да се одложи освен ако „Сотбис“ не може да докаже дека сликата е продадена по пазарна вредност и дека семејството би се согласило на продажбата доколку немало нацистички режим.

Шнабел рече дека неговите клиенти биле подготвени да работат на фер спогодба во согласност со Вашингтонските принципи од 1998 година, меѓународни упатства за решавање на прашањето за уметнички дела конфискувани или продадени под принуда за време на нацистичкиот период.

Сликата била купена во 1909 година од Самуел Фишер, основач на германската издавачка куќа S. Fischer Verlag и прадедо на еден од наследниците што ја оспорувале продажбата.

По неговата смрт во 1934 година, издавачката куќа ја презел неговиот зет Готфрид Берман Фишер.

Како што растел нацистичкиот режим, многу од авторите што ги претставувала издавачката куќа се соочиле со цензура и забрани за објавување, а Берман Фишер бил принуден да се пресели во Виена.

Семејството ја доверило сликата, заедно со две дела од Пол Сезан, на трговецот со уметнички дела Валтер Фајхенфелд во галеријата Пол Касирер во Амстердам на почетокот на 1930-тите.

Според адвокатот, сликата била продадена три месеци откако семејството го напуштило Берлин, бидејќи нацистичките власти го ограничиле имотот што Евреите можеле да го изнесат од земјата.

Семејството, исто така, наводно било принудено да плати посебен данок при напуштање на Рајхот, воведен за да се спречи изнесување пари од Германија за време на емиграцијата.

Сотби изјави дека е свесен за жалбите на наследниците и дека е во разговори со нив за историјата на сликата.

Од аукциската куќа изјави дека нивното досегашно истражување не потврдило дека уметничкото дело е продадено под принуда, но дека е посветено на наоѓање решение прифатливо за двете страни.

Сè уште не е потврдено дали аукцијата ќе се одржи според планот.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата