Коперник: Речиси е сигурно дека оваа година ќе биде втората најтопла во историјата

6.11.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Коперник: Речиси е сигурно дека оваа година ќе биде втората најтопла во историјата

Со тоа, 2026 година би станала втората година во историјата на мерењата што го надминува овој праг, по рекордната 2024 година.

Според најновите податоци од „Коперник“, постои голема веројатност 2026 година да биде втората најтопла година откако се вршат мерења. Исто така, постои веројатност од околу 20 отсто таа да го израмни или надмине моменталниот температурен рекорд поставен во 2024 година.

Се очекува затоплувањето да биде меѓу 1,56 и 1,61 степен

„Коперник“ проценува дека просечната глобална температура во 2026 година ќе биде за 1,56 до 1,61 степен повисока отколку во прединдустрискиот период (1850–1900 г.).

Нивниот статистички модел покажува веројатност поголема од 99 отсто дека температурата оваа година ќе го надмине прагот од 1,5 степени.

Особено загрижувачка е проценката дека четиригодишниот просек за периодот 2023–2026 година, исто така, ќе надмине 1,5 степени над прединдустриските нивоа.

Сепак, една година – па дури и неколку години – со температури над овој праг не значи автоматски дека долгорочната цел на Парискиот договор е официјално надмината.

Октомври беше најтопол досега

„Коперник“ објави дека октомври 2023 година бил најтоплиот октомври некогаш забележан на глобално ниво.

Просечната глобална температура изнесувала 15,35 степени Целзиусови, што е за 1,75 степени над прединдустрискиот просек. Во споредба со периодот 1991–2020 година, октомври бил за 0,90 степени потопол.

Ова беше трет месец по ред во кој глобалната температура го надмина прагот од 1,5 степени во однос на прединдустрискиот период.

Температурите на површината на морето, надвор од поларните региони, исто така достигнаа рекордни вредности. Просечната температура на морето во октомври достигна 20,95 степени – највисоката вредност некогаш забележана за тој месец.

„Ел Нињо“ дополнително ги зголемува температурите

Покрај долгорочното затоплување предизвикано од човечката активност, за овогодинешниот пораст на глобалните температури придонесува и исклучително силниот „Ел Нињо“.

Станува збор за природен климатски феномен поврзан со затоплувањето на површинските води во тропскиот дел на Тихиот Океан, што може привремено да предизвика дополнителен пораст на глобалните температури.

„Октомври го продолжи трендот на исклучителна глобална топлина, со рекордно високи глобални температури и температури на површината на океаните. Исклучително силниот ’Ел Нињо‘ додава дополнителна топлина на климата која е веќе загреана од човечките активности, а 2026 година е на пат да стане втората календарска година што ќе го надмине прагот од 1,5 степени“, изјави Саманта Бурџес од Европскиот центар за среднорочни временски прогнози.

„Особено е значајно тоа што се очекува и четиригодишниот просек да надмине 1,5 степени, што покажува колку долготраен станал овој период на глобална топлина“, додаде таа.

Што значи надминување на границата од 1,5 степени?

Според Парискиот договор за климатски промени од 2015 година, државите се обврзаа да го задржат глобалното затоплување значително под два степена во однос на прединдустриските нивоа, истовремено настојувајќи да го ограничат порастот на температурата на 1,5 степени.

Границата од 1,5 степени се однесува на долгорочното глобално затоплување, а не на температурата во која било поединечна година. Следствено, надминувањето на овој праг се проценува врз основа на повеќегодишни – односно долгорочни – просеци.

ОН веќе предупредија дека е многу веројатно светот да се соочи со привремено надминување на оваа цел. Колку е поголемо затоплувањето и колку подолго трае, толку е поголем ризикот од екстремни временски настани и неповратни промени во климатскиот систем. Според податоците на „Коперник“ (Copernicus), температурите во првите десет месеци од 2026 година се веќе доволно високи, така што надминувањето на прагот од 1,5 степени за целата година е речиси сигурно.

Извор: Индекс.хр

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата