Според Законот за самоопределување, кој стапи во сила во ноември 2024 година, лицата во Германија може да го променат родовиот идентитет регистриран при раѓањето, како и нивното име, со поднесување изјава во матичното одделение. Достапните категории се машки, женски, различен и без спецификација, пренесува ДПА.
Иако промените беа можни и претходно, новиот закон значително ја олесни процедурата, укинувајќи го контроверзниот Закон за транссексуалци, кој бараше оние што сакаа официјално да го променат родот и името да поминат долг и скап правен процес што вклучуваше проценка од медицински експерти.
Според податоците на Сојузната служба за статистика, кои го покриваат периодот од ноември 2024 до јули 2025 година, во првиот месец по стапувањето во сила на реформата, вкупно 7.057 лица ја промениле својата евиденција во матичната книга.
Бројот на барања потоа се намалил во наредните месеци, па така во декември промена побарале околу 2.936 лица. Во јули, 1.244 граѓани го промениле својот официјален родов идентитет.
За споредба, во 10-те месеци пред реформата, тоа го направиле само 596 лица на национално ниво.
За да може да се поднесе изјава во матичното одделение, лицата треба да закажат термин три месеци однапред.

