Финците се најсреќната нација во светот, но земјата тоне во долгови

12.10.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Финците се најсреќната нација во светот, но земјата тоне во долгови

 Пред изборите во април, дебатата не се води околу тоа дали ќе има кратења, туку кои услуги, социјални бенефиции и пензии ќе бидат најмногу погодени.

Показателите за долгот и дефицитот на Финска се најлоши уште од 1990-тите години, кога колапсот на банкарскиот систем и распадот на Советскиот Сојуз – тогаш клучен извозен партнер – предизвикаа длабока економска криза, пишува DW.

Раст на јавниот долг Финскиот завод за статистика минатиот месец потврди дека јавниот долг во вториот квартал достигнал 90,3 отсто од БДП, што претставува пораст од околу 65 отсто пред пандемијата.

Една од причините лежи на исток: Финска ги зголеми трошоците за одбрана по влезот во НАТО, поттикната од руската инвазија врз Украина.

Покрај тоа, Хелсинки се соочи со значително повисоки трошоци за енергија откако стави крај на зависноста од Москва, од каде што набавуваше околу една третина од својата енергија. Сепак, финската влада троши повеќе отколку што прибира средства уште од финансиската криза во 2008 и 2009 година, делумно поради стареењето на населението и бавниот економски раст.

Минатиот месец, Државната управа за финансии прогнозираше дека буџетскиот дефицит во 2026 година ќе изнесува 4,2 отсто од БДП.

Брисел бара од Хелсинки да го намали новото задолжување, бидејќи правилата на Европската Унија наложуваат дефицитот да не надминува три отсто од БДП.

Во јануари, Европскиот совет покрена постапка и ѝ даде рок на Финска до крајот на 2028 година да ја постигне оваа цел. Владата на премиерот Петери Орпо, која е на власт од јуни 2023 година, планира да заштеди приближно девет милијарди евра во текот на својот мандат.

Економистите предупредуваат дека следната влада – без оглед на тоа кој ќе победи на изборите – ќе мора да спроведе значително подлабоки кратења.

Иако стапката на ризик од сиромаштија во Финска е под просекот на ЕУ, земјата има една од највисоките стапки на невработеност во Унијата.

Според „Еуростат“, во август таа изнесувала 10,3 отсто – малку повеќе отколку во Шпанија (10 отсто). Невработеноста кај младите достигнала 23,3 отсто, наспроти просекот во ЕУ од 15,4 отсто. Лаури Олапа, директор на Финскиот центар за нови економски анализи, предупреди дека нов круг на мерки за штедење би ѝ нанел тежок удар на домашната економија, бидејќи потрошувачката на домаќинствата веќе опаѓа.

„Повеќе од четвртина од населението работи во јавниот сектор; доколку овие работници се соочат со закана од отпуштање, стапката на штедење ќе порасне, а приватната потрошувачка дополнително ќе се намали“, изјави Олапа за DW. И покрај низата предизвици – од пандемијата и повисоките каматни стапки до последиците од две војни – нацрт-буџетот за 2027 година сепак предвидува дефицит од 12,4 милијарди евра.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата