Денес е Св. Архангел Михаил

21.11.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Денес е Св. Архангел Михаил

Денес задолжително помолете се за здравје на најблиските и простете им на тие што ви згрешиле, за да ви се исполни најголемата желба. Именден слават сите што носат име Ангел, Ангеле, Ангелина, Михаил, Мила, Милка, Михаила, Михо, Рајко, Рајна, Ратка...

Пред да го создаде материјалниот свет (земјата, небото, ѕвездите, човекот итн.) Господ ги создал ангелите. На почетокот сите ангели биле добри, но потоа некои од нив се одметнале и почнале да прават злодела, па тие се познати и како ѓаволи.

Архангел Михаил уште е познат и како војвода на ангелите, затоа што кога Луцифер се отпаднал од Бога и со себе повлекол во пропаст еден од ангелите, тој застанал на чело на неотпаднатите ангели и прв се впуштил во борба против злото.

Затоа на фреските и иконите Архангел Михаил најчесто е претставен како борец - војвода, со меч, а според некои верувања се смета дека тој доаѓа и ги зема човечките души на кои им чукнал часот.

Друго верување е дека ако овој Архангел се појави над главата на некој што е болен, тогаш тој ќе оздрави. Постојат голем број приказни за чудотворните исцелувања на ангелот – на еден маж му се јавил на сон и му рекол дека неговата ќерка ќе оздрави ако се измие на еден извор.

За друго негово чудо се смета и спасувањето на момчето Василиј Карастирис, кое паднало и сериозно ја повредило главата. На Василиј морало да му биде направена итна операција, а лекарите предвидувале дека момчето ќе остане слепо и со парализа на ногата и раката.

Момчето раскажувало како додека го подготвувале за операција, пред себе видел светлина, а во неа храм со високи ѕидови и пред него бил Архангелот кој му рекол:

„Дојди тука, Василиј! Не плаши се, ќе оздравиш. Јас ќе ја водам раката на лекарот и операцијата ќе биде успешна“.

Момчето навистина оздравело, а најинтересно е што операцијата била направена на 21-ви ноември, денот кога се слави Архангел Михаил.

Од овие причини, Свети Архангел Михаил е една од најчестите слави како кај нашиот, така и кај другите православни народи. На денешен ден верниците одат во црква и се молат за свое, но и за здравје на своите најблиски.

На Аранѓеловден слават сите што носат име поврзано со архангелите Михаил, Михајло, Мијалче, Михаела, Михајела, потоа Ангел, Ангелина, Ангела, Ангелче, Аранѓел, Аранѓелка.

Во некои семејства именден слават и Гаврил и Габриела, бидејќи празникот е посветен на сите архангели.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата