Ловецот со „стелт технологија“, еден од најнапредните во светот, кој чини 115 милиони долари, остана на Меѓународниот аеродром Тируванантапурам во јужната држава Керала поради дефект и веќе некое време го поправаат британски мајстори.
Овој авион на 14 јуни бил на редовна патрола над Арапското Море, но поради лошото време не можел да се врати на својот матичен носач на авиони „Принц од Велс“, па бил пренасочен кон Тируванантапурам. Но, потоа бил откриен дефект поради кој не можел никаде да полета.
Продолжениот престој во Индија на овој моќен авион, кој е гордост на угледната американска компанија „Локид Мартин“, предизвика потсмев на социјалните мрежи.
Дури и Туристичката служба на градот Керала се придружи на шегите со слика на авионот опкружен со палми и оцена од пет ѕвездички, со текст во кој се вели: „Керала е толку добра што не сакам да си одам. Секако ви ја препорачувам!“
- Тоа е нашиот начин да покажеме дека ги цениме Британците и да им се заблагодариме бидејќи се најбројни посетители на Керала“, изјави шефот на градската Туристичка служба, К. Бижу.
На Х беше направена и карикатура на која авионот ужива со грицки со група локални жители, со живописна позадина.
Во Индија се шпекулира дека, доколку не успее поправката на авионот, тој би можел да биде демонтиран и така превезен дома, но Министерството за одбрана на Велика Британија го негираше тоа.