„Кога сум на островот, се разбира, чувствувам тага, но и мир. Гробот на Дијана е многу мирно и убаво место. Тоа е место каде што можам да размислувам за загубата, но и да уживам во природната убавина што ме опкружува. Таа е дома“, изјави Чарлс Спенсер во интервју за списанието „Пипл“ (People).

Спенсер, кој беше многу близок со својата сестра, ги објави мемоарите насловени „Лебедова песна: Дијана, мојата сестра“ (Swan Song: Diana, My Sister), во кои се осврнува на нејзиното детство, животот во кралското семејство и настаните по нејзината смрт во 1997 година.
Еден од најконтроверзните делови од книгата се однесува на разговорот што Спенсер го водел со тогашниот принц Чарлс, кратко по смртта на Дијана.
Во тоа време, Спенсер живеел во Јужна Африка со четири мали деца и се обидувал да организира враќање во Британија. Тогаш му се јавил Чарлс.

„Веќе неколку часа знаев дека Дијана починала. А потоа тој се јави и – за жал, морам да кажам – звучеше едноставно воодушевено.
Беше неверојатно чудно“, рече Спенсер.
Тој додаде дека може само да претпоставува што се крие зад таквата реакција.
„Можеби чувствуваше дека сега конечно ќе може да се ожени со жената што ја сакаше, Камила Паркер Боулс, но тоа е само моја претпоставка“.
Бакингемската палата објави ретко соопштение во врска со наводите во книгата, наведувајќи дека болката од загубата на член на семејството може да влијае врз расудувањето и сеќавањата дури и со години подоцна.
Спенсер се присети и на разговорот со Чарлс околу организацијата на погребот на Дијана.

Особено го погодила одлуката принцовите Вилијам и Хари да чекорат зад ковчегот на нивната мајка.
„Кога ми кажаа дека Вилијам и Хари ќе чекорат зад ковчегот на мајка им, веднаш реков: 'Не, нема'. Тоа е ужасна идеја. Едноставно нема никаква смисла.“
Спенсер сметал дека Дијана не би го сакала тоа и се сеќава дека неговата сестра го одредила за старател на нејзините синови, иако тоа старателство немало правна важност.
Набрзо потоа, самиот Чарлс му се јавил по телефон. „Тој рече: 'Слушам дека имаш проблем со погребот'. Ме праша дали сакам Вилијам и Хари да чекорат зад ковчегот.
Одговорив: 'Се разбира дека не. Дијана не би го сакала тоа'“, се присети Спенсер.
Чарлс тогаш потсети дека и тој чекорел зад ковчегот на својот вујко, лорд Маунтбатен. „Му реков: 'Да, но ти имаше 30 години, а тој не ти беше мајка'.“ Според Спенсер, Чарлс тогаш бурно реагирал.
„Тогаш тој рече: 'Наскоро ќе заборавиме на неа'. Тоа навистина ме шокираше и згрози.
Му реков: 'Не можам да верувам дека го кажа тоа' и ја прекинав врската“, открива Спенсер.
Кога сега го прашуваат каков е неговиот однос со кралот Чарлс, Спенсер одговара: „Го гледам како поранешен зет на моето семејство. Сега навистина немам никаков контакт со него. Го гледам на семејни свадби и слични настани, но тој едноставно не е дел од мојот живот, ниту пак јас сум дел од неговиот. На крајот на краиштата, семејството си е семејство и во секое семејство постојат различни тензии, радости и проблеми“, истакнува тој.

