Компанија која се занимава со фузија на енергија, тврди дека пронашла начин живата да ја претвори во злато.
Компанијата „Маратон фјужн“ (Marathon Fusion) со седиште во Сан Франциско наведува дека истата енергија која еден ден може да овозможи неограничен извор на чиста енергија, може да се искористи и за чиста алхемија, пишува „Фајненшл тајмс“.
Според трудот, кој сè уште не е рецензиран, нуклеарната трансмутација - процесот со кој еден елемент или изотоп се претвора во друг, преку отстранување на протон од неговото јадро, би можела да се користи за синтеза на златни честички.
„На хартија, изгледа одлично и сите со кои досега разговарав за тоа, се заинтригирани и возбудени“, изјавил за „Фајненшл тајмс“ Ахмед Диало, физичар во Министерството за енергетика на САД, кој ја прегледал студијата.
Од фузија до алхемија
Во текот на изминатите три години, Marathon Fusion собрале речиси 6 милиони долари од приватни инвеститори и 4 милиони долари од владини грантови, фокусирајќи се на зголемувањето на ефикасноста на фузискиот систем.
Сепак, концептот за имитирање на условите од јадрото на Сонцето за да се произведе нето позитивна количина на енергија останува неостварлив, и покрај децениските истражувања.
Научниците тукушто почнуваат во достигнувањето на точката во која фузиските реактори произведуваат повеќе енергија отколку што им е потребно за да се одржат, а скалирањето на овие системи е дополнителен предизвик, со оглед на тешкотијата да се контролира екстремно високоенергетската и нестабилна плазма во сложените реактори.
Во почетокот на оваа година, „Маратон“ се фокусираше на нуклеарна трансмутација, предлагајќи да се воведе изотоп на жива – Hg-198 – во фузиски реактор за да се претвори во Hg-197. Ова се прави со класични фузиски горива, како што се литиумските и водородните изотопи.
Но, овој пат се појавува интересен нуспроизвод: Hg-197 е нестабилен изотоп кој спонтано се распаѓа во злато-197 – стабилна форма на злато.
Златото како нуспроизвод на фузиска електрана?
Иако процесот сè уште не е докажан, раководителите на оваа старт-ап компанија веќе размислуваат за огромни приходи – или, како што велат, златни прачки. Техничкиот директор Адам Рутковски и извршниот директор Кајл Шилер тврдат дека дури 5.000 килограми злато би можеле да се произведуваат годишно на еден гигават произведена електрична енергија – и тоа без да се намали вкупното производство на електрична енергија.
„Клучниот увид е дека оваа серија брзи неутронски реакции може да произведе големи количини злато, а воедно да ги задоволи барањата за циклусот на гориво на системот“, изјавил Рутковски за „Фајненшл тајмс“.
Сепак, има една цака
Секако, работите не се толку едноставни. Некои од другите изотопи на златото произведени за време на процесот би можеле да бидат радиоактивни, што значи дека златните прачки би требало да се складираат дури од 14 до 18 години пред да бидат безбедни за употреба.
И покрај порастот на нови старт-ап компании за фузија кои привлекуваат милијарди долари инвестиции за развој на одржливи извори на енергија, основниот концепт за производство на електрична енергија со фузија на атоми сè уште не е комерцијално одржлив.
Затоа амбициите на Рутковски и Шилер да се збогатат преку рударство на злато остануваат повеќе идеја отколку реалност.