Засилувањето на НАТО почна да пристигнува на северот на Косово

5.06.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Засилувањето на НАТО почна да пристигнува на северот на Косово

Околу 500 турски војници од 65-та механизирана пешадиска бригада на Турција ќе го сочинуваат најголемиот дел од засилувањето на НАТО. Турскиот баталјон првично ќе биде стациониран во кампот Султан Мурат, а ќе биде распореден на Косово онолку долго колку што е потребно. Дополнителен баталјон од резервните сили на НАТО, исто така, е ставен во зголемена готовност за да биде распореден доколку е потребно.

По вчерашните разговори со претседателот Реџеп Тајип Ердоган во Истанбул, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ѝ се заблагодари на Турција за испраќањето засилување на Косово. Столтенберг рече: „Турција е важен и високо ценет сојузник, кој дава клучни придонеси за НАТО. Ова ги вклучува војниците за нашата мировна мисија на Косово, што е уште поважно сега, кога тензиите се високи. Им благодарам на Турција што испрати засилување во северно Косово, по неодамнешните немири“. На неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Осло минатата недела, генералниот секретар рече: „Нашата порака и до Белград и до Приштина е дека тие мора да се вклучат со добра волја во дијалогот што го олеснува ЕУ; тоа е единствениот пат до мирот. Во исто време, НАТО има одговорност да обезбеди стабилност на Косово и тоа е причината зошто сме таму многу години и зошто сега го зголемуваме нашето присуство во регионот.“

НАТО ја води мировната операција на Косово од 1999 година како поддршка на меѓународните напори за градење стабилност во регионот. Мисијата на КФОР е да одржува безбедна и сигурна средина и слобода на движење за сите заедници кои живеат на Косово, во согласност со неговиот мандат според Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации. КФОР во моментов се состои од над 4.200 војници со придонес од 27 НАТО сојузници и партнери, соопштија од НАТО.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата