Лерин денес: Град на мали плати и високи цени, но со тивок пулс и мирен, спокоен живот

6.08.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Лерин денес: Град на мали плати и високи цени, но со тивок пулс и мирен, спокоен живот

Пари има сè помалку, а и тие што ги има – сè помалку вредат. Социјалните разлики стануваат сè понагласени. Младите како да ги нема ни на улица, ни во муабетите. Како да исчезнале, или можеби само се далеку од тука – физички или ментално. Најверојатно се некаде по плажите, сепак е време на летни одмори...

Ова е секојдневието во Лерин, првиот поголем град зад граничниот премин „Меџитлија“. 

Градот е опкружен со планини и езера – особено со Преспанскиот регион, кој претставува важна природна и еколошка зона. Во зима, овде функционира скијачкиот центар Вигла-Писодери, додека летото носи рекреативни можности за оние кои бараат бегство од градскиот метеж.

Лерин е познат и по своите земјоделски производи – пиперките, житните култури и локалното вино се составен дел од економијата и секојдневната трпеза. А чаршијата?

Таа останала таму каде што отсекогаш била, но нешто е сменето. Порано немаше место да се помине од тезги. Денес, најфреквентната пешачка улица ја красат затворени дуќани со излепени излози – токму таму каде што кириите се највисоки.

Утринската слика ја креираат постарите – седнати во кафулињата, тивко го пијат првото кафе. Младите или не се разбудиле, или се некаде на одмор. Останатите – работа, обврски, живот од ден за ден. Борба за секој чекор.

Прошетавме низ дуќаните, разговаравме со жителите, но не сите се подготвени да зборуваат за својот живот. Како да ги задржува некоја гордост, тивка, но длабока. Но, штом се разврзе муабетот, полека се опуштаат и потоа речиси едногласно речиси како во договор велат – „не е лесно, пари тешко се печалат, се поскапува. И тоа секојдневно...

Димитрос има свој берберски дуќан, малку понастрана од главната улица...За него плаќа 400 евра кирија месечно. Тој е сопруг и татко на малолетни дете. Вели дека само за здравствена заштита месечно издвојува 300 евра за него и за неговите.

- Од ден да ден станува се потешко за преживување. Сопруга и едно дете. Не е лошо, ама се што заработуваме оди за давачки,печалба нула, вели тој.

Миха е ведра средновечна жена, со крупни очи и широка насмевка... Таа има сопствен дуќан за кожена галантерија, во понудата има голем избор на чанти, ташни, паричници, колани... Зборува повеќе светски јазици, разговаравме на англиски. Работи и таа и нејзиниот сопруг. Имаат една ќерка. Не сака да замине никаде, тука и е убаво, но вели не и е лесно. Ќерката ќе ја школува, да биде учителка. Вели, и не е важно колку ќе заработува, барем ќе е тука и ќе има повеќе слободно време за семејството, она што на Миха многу и недостига. Време минато дома со нејзините, а не во дуќанот...

- Како да се живее со три месеци сезона. Шест месеци е тука зима, а тогаш нема никој. Никој не влегува во дуќанот, прометот драстично опаѓа. Тоа не е живот тоа е преживување, вели таа.

Диме има 44 години, работи како готвач во таверна за брза храна со гиро, суфлаки, колбаси...Осум часа е на нога, тука секогаш како да има муштерии, нарачки пристигаат постојано...

- Понапред како да беше подобро. Со 18 илјади драхми полна количката во самопослуга. Сега со 50 евра пет продукти во неа...Работам за 750 евра плата месечно. Кирија плаќам за стан 300 евра, 450 сосе режија...Како да се истурка месецот, прашува.

Вели дека можеби би било подобро да отвори сопствен бизнис, но оти за да стави клуч на свој дуќан ќе му требаат 15 илјади евра само за административни работи, дозволи, согласности, слично...

- Едно време работев во градежништво и земав и по 1500 евра месечно. Сега во Лерин ништо не се гради. Нема работа за нас па работиме што ќе стигнеме, вели тој.

Диме нема време да оди по одмори. Педесет евра му требаат само да стигне до морето за бензин и за патарини.

- Не сакам јас да одам на Халкидики? Сакам, ама како? Со овие пари што ги заработувам најмногу што можам да си дозволам е да одам неколку дена Платамона, на кампување со шатор, колку да ги однесам жената и децата, вели тој.

Но, и тој некако и сите останати соговорници се едногласни дека не би заминале некаде во потрага по повеќе пари. Некои прикриено, повеќето од нив отворено – не е се во парите...Тука имаат некакво спокојство што може да го понуди само родниот крај.

- Зошто да одам Германија или не знам каде. Таму да земам 1500 евра месечно и повторно речиси сите да ги дадам за стан, превоз, храна...Исто како и овде, категоричен е Диме.

Малку поинаква е животната приказна на Панајотис Марку, кој има своја сопствена таверна на главната улица во Лерин, што ја работи од 1989 година. Интересно е што работи како угостител, а е дипломиран педагог, школуван во Пирот, а едно време живеел и во Ѓаковица и во Скопје.

Кај него во дуќанот секогаш има посетители, што локални муштерии што редовни гости од ова страна на границата...Не се жали, вели дека добро може да се живее, се разбира ако се работи како што треба. А дека добро работи потврда е највкусното гиро што сме го пробале во Грција. Да, највкусно, не само во Лерин туку во Грција...

- Дуќанот го наследив од татко ми, а додека не ми го препиша нему му плаќав кирија. Сега ми е полесно, не плаќам за изнајмување објект што е значајна ставка. Имам петмина вработени, борба е...Отвараме во 10 и работиме до полноќ. Порано секој ден, сега затвораме двапати седмично, такви се прописите. Ќе беше уште подобро да имаа луѓето повеќе пари, повеќе ќе имаше за сите, вели тој.

Куповната моќ опаѓа, довербата се нарушува, а несигурноста расте

Оценката е генерално идентична – инфлацијата, ценовните шокови и светските финансиски кризи се чувствуваат насекаде, без исклучок. Без разлика дали станува збор за Грција како држава членка на ЕУ веќе повеќе од 30 години со релативно силна економија или за помали држави во транзиција, глобалните економски турбуленции не познаваат граници.

Инфлацијата, како подмолен непријател на секојдневието, постепено ја намалува куповната моќ на граѓаните, создавајќи несигурност и страв, особено кај најранливите категории. Основните трошоци за живот растат, а платите тешко го следат тоа темпо.

Ценовните шокови, предизвикани од воени конфликти, енергетски кризи или прекини во синџирите на снабдување, дополнително ја усложнуваат ситуацијата и го oтежнуваат секојдневието.  Тоа истото важи и за граѓаните на Лерин, кои секојдневно водат борба да истуркаат „до први“. Притисокот е најголем кај малите земјоделци и локалните занаетчии.

Зголемените трошоци за гориво, ѓубрива, електрична енергија и основни материјали не се надоместени со соодветни субвенции или пазарна стабилност. За некои, одржувањето на семејниот бизнис веќе станува невозможна мисија...

Додека глобалната економија и понатаму се тресе, Лерин – како и многу други мали градови на Балканот – останува огледало на борбата помеѓу преживување и отпорност. Товарот е навистина голем, но се уште како да се чувствува оптимизам и провејува нишка надеж дека и оваа криза ќе биде надмината./МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата