Во Србија од 2009 до 2023 година, врз основа на правосилни судски одлуки поврзани со случаи на корупција, е одземен недвижен имот со површина од околу 40.300 квадратни метри, вреден 3,77 милијарди динари (околу 32 милиони евра), како и 26 овци и една коза.
Само во текот на минатата година биле одземени околу 38.000 квадратни метри недвижности, во вредност од околу 368 милиони динари.
Пресекот на податоците на крајот од 2023 година покажува дека Дирекцијата за управување со одземен имот трајно одземала згради и други објекти во вредност од 4,14 милијарди динари (35,38 милиони евра), пренесува Бета.
Врз основа на донесените решенија, биле одземени и патнички и товарни возила со проценета вредност од 154,7 милиони динари (1,32 милиони евра), при што најголемиот дел биле привремено конфискувани, додека осудените трајно биле лишени од возила во вредност од околу 42 милиони динари (358.974 евра).
Во финансиските извештаи на Дирекцијата се забележани и трошоци за одржување на една недвижност која била привремено одземена во 2011 година, а минатата година била обновена нејзината покуќнина – тросед и четири фотелји.
„Дирекцијата го спроведе набавниот процес преку електронска пошта, при што беа поканети три потенцијални понудувачи, со образложение дека основен критериум за избор ќе биде најповолната цена“, утврдиле ревизорите на Државната ревизорска институција.
Добавувачот добил 285.000 динари (2.436 евра) за набавениот мебел, а за три клима уреди биле исплатени 396.000 динари (3.385 евра).
Ревизорите утврдиле дека Дирекцијата претходните години не направила попис на имотот што го одземала. Попис бил направен во рамките на ревизијата, но не можело да се изврши физичко пребројување на целата имотна состојба.
„Имајќи предвид дека Дирекцијата управува со голем и разновиден имот, кој се наоѓа низ цела Србија, пописната комисија не беше во можност физички да го обиколи целиот имот, туку пописот го изврши врз основа на помошни евиденции што се водат во Дирекцијата“, наведуваат ревизорите.
Во 2011 година, Дирекцијата ангажирала експерти за вештачење на привремено одземени предмети од историска и уметничка вредност, но нивната вредност, според ревизорите, не била утврдена, туку за потребите на книжење, секој предмет бил проценет на околу 1.000 евра.
Овие предмети биле дадени на чување во Историскиот музеј и Архивот на Србија. Ефективни и странски пари, како и предмети од благородни метали, скапоцени и полускапоцени камења и бисери, биле доверени на чување во Народната банка на Србија, но според ревизорите, тие предмети немаат утврдена вредност, туку само описи.
Во текот на 2024 година, Дирекцијата ја продала одземената стока – 26 овци и една коза – по прибирање на три понуди, при што како најповолна била избрана понудата на „Алекспродукт“ од 4.500 динари (38 евра( без ДДВ по грло, или вкупно 138.000 динари (1.179 евра).