Царинската политика на Трамп пред судот во Њујорк- се бара итна забрана

13.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Царинската политика на Трамп пред судот во Њујорк- се бара итна забрана

Федералниот суд за меѓународна трговија во Њујорк денес разгледува барање за итна забрана против царинската политика на американскиот претседател Доналд Трамп, а одлуката што ќе влијае на целата глобална трговија може да биде донесена до крајот на овој месец.

Администрацијата на Трамп претходно изјави дека трговскиот дефицит на Соединетите Американски Држави претставува национална вонредна состојба што ја загрозува безбедноста на земјата.

Врз таа законска основа, воведе широк спектар на царини, вклучувајќи основна царина од 10 проценти за стоки од целиот свет, царини до 50 проценти за околу 60 земји (привремено суспендирани 90 дена) и рекордна царина од 145 проценти за кинески производи - која Белата куќа оттогаш ја намали на 30 проценти.

Критичарите кои поднесоа барање за забрана на овие мерки ја оспоруваат и законската основа и уставноста на таков пристап, објавува Политико.

Група мали бизниси во Њујорк, предводена од дистрибутерот на вино VOS Selections, бара привремена забрана на царините, со поддршка на поранешни сенатори и правни експерти.

Поранешниот американски сенатор Џон Данфорт, еден од потписниците на судската петиција, рече дека „претседателот не може еднострано да ги преземе овластувањата што Уставот му ги дава на Конгресот“ и додаде дека ова е клучно прашање за поделбата на властите во земјата.

Адвокатите на обвинителите бараат ситуациите кога извршната власт презема мерки од големо економско значење да бидат јасно дефинирани со закон.

Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни состојби (IEEPA) му дава на претседателот широки овластувања да регулира разни економски трансакции по прогласувањето национална вонредна состојба, според веб-страницата на американскиот Конгрес.

Доколку Федералниот суд за меѓународна трговија заклучи дека претседателот неоправдано се повикува на законот IEEPA, царинскиот режим би можел да биде суспендиран, а со него и целата стратегија на Трамп за притисок врз трговските партнери, додава бриселскиот портал.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата