Повеќе од 33.000 работници во Боинг треба да добијат зголемување на платите и подобри услови за работа.
Раководството на американскиот производител Боинг постигна прелиминарен договор со претставници на синдикатот за нов колективен договор. Повеќе од 33.000 работници во синдикатите IAM District 751 и W24 ќе добијат зголемување на платите за 25% во следните четири години, како и други бенефиции, објави Aviation Week.
Боинг вети и дека доколку започне со производство на новиот модел во следните четири години, ќе им го довери на фабриките на северозападниот брег на САД.
„Договорот обезбедува најголемо вкупно зголемување на платите до сега, помала партиципација на вработените за да се направи здравствената заштита подостапна, повисоки пензиски придонеси и работни услови кои ќе обезбедат подобар баланс помеѓу работата и животот“, рече претседателот и извршен директор на компанијата Боинг Комерцијал, Стефани Поуп.
Прелиминарниот договор меѓу раководството и синдикатот сега треба да помине низ процесот на ратификација. На 12 септември синдикатите ќе гласаат за новите услови што ги нуди Боинг. Сегашниот колективен договор истекува на 12 септември - една минута пред полноќ.
Се очекува вработените да го одобрат новиот договор со работодавачот. Во заедничката изјава на претседателите на IAM District 751 и W24, се наведува дека тие не успеале да ги остварат сите барања, но дека овој прелиминарен договор е најдобриот што некогаш го постигнале.