Стејт департмент: Се надеваме на позитивна одлука за Северна Македонија до мај идната година

19.10.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Стејт департмент: Се надеваме на позитивна одлука за Северна Македонија до мај идната година

САД изразија незадоволство и разочарување, откако Европскиот совет не донесе одлука за датум за почеток на преговори за Северна Македонија. Стејт департментот преку соопштение, порача дека САД ја поддржуваат посветеноста на Северна Македонија и Албанија за трансатлантската интеграција и аспирации за влез во Европската унија.

„Разочарани сме што Европскиот совет не ги прифати многу силните реформски напори на секоја земја со тоа што се согласија да започнат преговори за пристапување во овој момент. Позитивната одлука би го потврдила кредибилитетот на нивниот пат кон ЕУ и цврсто ќе се спротивстави на малигните надворешни актери, кои сакаат да ги поткопаат западните вредности и евроатлантската заедница. Признаваме дека Европскиот совет не кажал „не“ ниту на Албанија, ниту на Северна Македонија, ниту ЕУ воспостави нови услови за започнување на пристапните преговори. Се надеваме дека Европскиот совет добро ќе постигне консензус за позитивна одлука за обете држави пред самитот ЕУ-Западен Балкан следниот мај“.

Во соопштението се вели дека Соединетите држави ќе останат стратешки партнер на Северна Македонија и Албанија, бидејќи, како што се наведува, тие продолжуваат со својата работа за зајакнување на владеењето на правото, понатамошните напори за борба против корупцијата, развој на нивните економии и борба против организираниот криминал.

„Ние ги охрабруваме обете држави да останат цврсти во градењето на транспарентно, правилно, демократско општество одговорно на потребите на граѓаните. Соединетите држави ќе продолжат да работат со европските партнери за да ги унапредат споделените цели за стабилност и безбедност на Западен Балкан“ стои во соопштението на Стејт департментот.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата