Хелсиншки бара казна за училиштето во Гостивар каде деца со војнички поздрав ја поддржаа офанзивата во Сирија

18.10.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Хелсиншки бара казна за училиштето во Гостивар каде деца со војнички поздрав ја поддржаа офанзивата во Сирија

Хелсиншкиот комитет остро го осудува злоупотребувањето на учениците од гостиварското основно училиште Мустафа Кемал Ататурк за политички цели. На 17.10.2019 година, на Фејсбук страната од училиштето се појави фотографија на која стотици ученици, во придружба на настаниците и останатиот персонал од училиштето, стојат под турско знамe и упатуваат војнички поздрав за поддршка на турското воено движење, што несомнено алудира на турската воена офанзива во Сирија.

„Организирањето на ваквиот настан и иницирањето на ваквото постапување на учениците од страна на наставниот кадар и директорот на училиштето претставуваат директна повреда на чл. 11 од Законот за основното образование, кој експлицитно забранува секаков вид на политичко организирање и дејствување во основното образование. Воедно, чл. 172 од истиот Закон предвидува изрекување на глоба во износ од 1.600 евра во денарска противвредност ако се организира политичко и верско организирање и дејствување и се истакнуваат партиски и верски обележја во основното образование, односно ако се изврши повреда на чл. 11.

И со Законот за заштита на деца експлицитно се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување, а во член 12 став 6 од овој закон е утврдено дека: ,, Државата и институциите на системот се должни да ги преземат сите потребни мерки за да ги обезбедат правата на детето и за спречување на сите облици на дискриминација и злоупотреба без оглед на местото каде што се извршени овие дејствија, тежината, интензитетот и нивното времетраење’’, се вели во соопштението.

Хелсиншкиот комитет за овој случај ќе ги извести Државниот просветен инспекторат и Народниот правобранител и ќе ги преземе сите потребни постапки за утврдување на посочените повреди на законите.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата