Овде и сега

Специјална јавна одлука

21.08.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Специјална јавна одлука

Со брзина на светлината поминаа четирите години, откако „племенските поглавари“, надвор од Уставната рамка и со посредство на меѓународниот фактор ја донесоа одлуката за формирање на специјалното јавно обвинителство или скратено СЈО. По преговорите, кои се одвиваа во огромна тензија, гледано од диоптријата на јавноста и она што го пренесуваа медиумите, оваа параинституција произлезе од консензусот во Македонското Собрание, кога нашите народни претставници го изгласаа Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Официјално, овој параинститут, почна да функционира во септември 2015 година, кога на неговото чело, на изненадување на сите, беше именувана анонимната обвинителка од Гевгелија, Катица Јанева. Без оглед што по ова прашање, особено во фелата, немаше единствен став, беше јасно дека оваа скапа институција, претставуваше силен удар на „шарените“, наспрема затекнатите институционалисти кои уште еднаш во поновата македонска историја, прифатија да отстапат од посериозно решавање на гнојот во правосудството и прифатија компромисно решавање на политичката криза.

Иако за сериозноста на проблемот, кој не го амнестираше до ден денеска, актуелниот премиер Заев од одговорноста и од давање на отчет за тоа кој, како и зошто му ги дал приватните телефонски разговори, компасот на јавното мислење беше пренасочен кон очекувањата за одговорноста на тогашните вршители на јавните функции, кои во пирамидата досегнаа до самиот врв, т.е. тогашниот премиер Груевски. За воспалените и агресивно настроени перјаници на шарената револуција, ова беше сигналот кој им ја потврди тезата за нивната исправност во дејствувањето и покрај укажувањата на слободоумните и подлабокоумните поддржувачи, кои инсистираа на тоа дека овој иницијален импулс мора да ги оправда очекувањата и дека од истиот треба да отпочне новиот пристап во ослободувањето и унапредувањето на правосудната власт во Република Македонија.

Но, нив, бргу ги задушија вештите инструктори, кои откако со испомош ја добија оваа партија шах, го пренасочија курсот кон „другите“ сериозни прашања, како што беа, за потсетување: прочистувањето на избирачкиот список, барањата за техничка влада, проблемот со уставното име со нашиот јужен сосед (кој тие го бетонираа како највисок императив во борбата за зачувување на македонскиот национален идентитет?!) и дузина други прашања, кои ја брануваа јавноста и создаваа тензична претстава дека „режимот на Груевски не се трпи“ и дека „нема правда, нема мир“!

Во суштина, сите овие големи подгревања на надежите и очекувањата кај македонските граѓани, создаваа слика дека со нашата држава навистина ништо не е во ред и дека сето ова мора да заврши со „големата победа на Животот“ кој ќе не однесе во посветлата иднина, каде нашите деца нема да сонуваат за заминување преку границите на нашата татковина, а нашите животи ќе бидат исполнети со радости и среќа, која ќе го подигне духот на нацијата и ќе ги овозможи достоинствениот живот и благосостојбата за сите граѓани во Република Македонија!

– Во овој поглед, она што ми се чини дека тие го мислеле, кога ги везеа мрежите врз очите на македонските граѓани е дека, Животот ќе дојде за шепа длабоко криминогени и бесчуствителни манипулатори, кои ќе го подигнат степенот на умртвување со тоа што ќе ја направат македонската држава, лабораторија за производство на наркотични средства и коридор за шверцување на луѓе, бело робје и органи.

И овој факт, надополнет не само од бескичмениот и длабоко контаминиран невкус и нестручност, потпрен исклучително и единствено само на странските инструктори, стана надополнет и од неограничената алчност и бесрамен рекет, за кој летово се уверивме дека допира до врвот на сите врвови, „ангелот на правдината“ и „знаменосецот на вистината“, двоецот Заев-Јанева! Всушност, она што сега излегува од правот и од маглината е длабоко контаминираната оператива на службите, кои и порано, а сега со комплетно отворени гради, лапаат и гнетат, ненаситно користејќи ја неограничената моќ.

Ова е недвосмислено, почитувани, резултатот од правењето на договори кои не се уставни, не се обмислени и немаат логика. Истите не започнаа со подобрување и реформи од самиот темел и кои со себе, покрај другото, не го запазија, пред сѐ интегритетот и етиката на професионалноста и на општествената одговорност. Оттаму, стана сосема очигледно дека се вративме во ерата кога навистина онака фројдовски, знаците за глупавоста и бесрамноста во злоупотребата на јавните функции, се гледаат сосема јасно од неверојатното и крајно бласфемично отсуство на трошка срам!

Затоа за специјални времиња, потребни се јасни и недвосмислени одлуки, кои ценам дека граѓаните веќе ги донесоа. Време е најважната специјална одлука да ја донесат и разголените манипулатори и препродавачи на македонската држава. Ако тие не се во состојба, многу скоро тоа ќе го сторат најповиканите и најзасегнатите, граѓаните на Република Македонија.

Иванка Василевска, Универзитетски професор (21 август 2019) 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата