Весник тема

Методија Андонов Ченто, биографија

29.11.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Методија Андонов Ченто, биографија

Методија Андонов - Ченто (17 август 1902 – 24 јули 1957) е македонски национален борец, деец и политичар и прв претседател на Президиумот на АСНОМ. Често, поради неговата функција на претседател на Президиумот на АСНОМ, Ченто се именува и како прв Претседател на Македонија.

Роден е на 17 август 1902 година во Прилеп во близина на денешниот фудбалски стадион како прво здраво дете по неколкуте починати деца на неговите родители Андон, кој бил по потекло од прилепското село Леништа, и Захарија (Зака), која била по потекло од прилепското село Плетвар. Уште од најрана возраст, работел по прилепските тутунски и афионски полиња. Во младоста бил одличен и истакнат гимнастичар. Завршил средно трговско училиште во Прилеп и во 1926 година отвора бакалско-угостителски дуќан и си обезбедува пристојна егзистенција. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучува граѓански брак со Василка Спирова Поп-Атанасова.

Ченто ја прифатил и ја бранел македонската национална кауза уште од раната младост. Учествува на изборите во 1935 година како заменик кандидат, а на изборите во 1938 година и како кандидат на листата на Здружената опозиција, бранејќи ја македонската национална кауза и залагајќи се за поголема слобода на Македонците и отворање на училишта на македонски јазик. На изборите во 1938 година од вкупниот број гласови дадени за кандидатите на опозицијата, Ченто добива најмногу, но не бил избран за пратеник поради државната манипулација со изборниот систем.
Ченто бил еден од организаторите на Илинденските демонстрации во Прилеп (1940), за што бил затворен во затворот во Кикинда. Во 1940 година се залага за воведување на мајчин македонски јазик во наставата во училиштата и повторно е затворен и интерниран во Баина Башта, при што е осуден на смрт. Дури и е одведен на стрелање, но е ослободен во последен момент на 15 април 1941 година.
Пред Втората светска војна повеќе пати бил претставник на прилепскиот трговски еснаф, а во периодот 1935 - 1940 е претставник на прилепските трговци во Индустриско-трговската комора во Скопје, каде што јавно истапил пред нападите на југословенската влада дека народот во Македонија не е благодарен на сите добродети што ги направила владата, велејќи дека доколку се остави Македонија на Македонците, тие од нејзе ќе направат цветна градина и развиена економска земја.

Уште на почетокот на бугарската окупација, на 26 април, Ченто добива покана да соработува со бугарските окупаторски власти. Тој ја одбива поканата и наместо тоа одбира да соработува со оние што се залагаат за ослободување на Македонија од нејзините нови окупатори. Неговата продавница за алкохол во Прилеп станува свртилиште на комунистите од градот, поради што бугарските власти во 1942 година го интернираат прво во селото Мелницаф, близу бугарско-турската граница, а потоа во логорот „Чучулигово", Петричко (Пиринска Македонија).
По неговото ослободување од интернација, Главниот штаб на НОВ и ПОМ на 21 август 1943 година му испраќа писмо во кое го повикува да се приклучи на НОБ. Во септември на два пати се среќава со својот сограѓанин Кузман Јосифоски - Питу, кој успева да го убеди да се приклучи на НОБ.

На слободната територија во Дебарца, Охридско, Ченто преминува во октомври 1943 година. Именуван е за член на Главниот штаб, а по основањето на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ станува негов претседател. На почетокот од мај 1944 година тој, Емануел Чучков и Кирил Петрушев заминуваат за Вис на средба со Народниот комитет за ослободување на Југославија на чело со Јосип Броз Тито. Средбата се одржува на 24 јуни при што македонската делегација го поставува прашањето за обединување на Македонија по ослободувањето од окупацијата. Тито начелно се согласува, но не смета дека тоа треба да биде непосредна задача.
По враќањето на делегацијата од Вис, се привршуваат подготовките околу АСНОМ и на 2 август се одржува Првото заседание. На него Ченто е избран за претседател на Президиумот на АСНОМ на ова највисоко државно тело на Демократска Федерална Македонија (подоцна НР Македонија).

Првите несогласици на Ченто со комунистите, особено со Светозар Вукмановиќ – Темпо, почнуваат многу брзо по неговото преминување на слободна територија. Меѓу другото, Ченто упатува забелешки на содржината на Манифестот на Главниот штаб.
По ослободувањето на земјата несогласиците со тогашниот македонски врв продолжуваат. Ченто се противи 15-от македонски корпус да оди на Сремскиот фронт, се залага за обединување и поголема самостојност на Македонија, се противи на враќање на имотот на избеганите српски колонисти и се залага за поголема финансиска независност и залагање за сопствен буџет на Македонија и на останатите југословенски републики. Комунистите му ја одземаат реалната власт и Ченто на 14 март 1946 година поднесува оставка на функцијата претседател на Президиумот на Народното Собрание на Македонија.
Сака да се повлече од политиката и има намера да живее во Прилеп, но на 14 јули е уапсен од полицијата пред својата куќа во Прилеп, а на 31 јули Министерството за внатрешни работи објавува дека Ченто бил уапсен поради обид за бегство во Грција. На 8 август против него е покренат обвинителен акт, а на 19 ноември е изведен пред суд во состав: Панта Марина (претседател) и Лазар Мојсов и Коле Чашуле, членови.
Пријавата што против него ја поднел извесен Трајко Цветанов Бешовски и таа дава на увид како се подготвувал крајот на Методија, а истовремено мошне прецизно го отсликува менталитетот на времено, а дава и дополнителни податоци за врвот на републиката, односно нивното прегрупирање. Трајко против Ченто ќе кодоши дека Тито го излажал Ченто, кој, всушност, барал повеќе за својот народ и држава.

Судењето трае доста кратко и по само два дена, на 21 ноември, Ченто е осуден на 11 години затвор. Затворен е во скопскиот затвор „Идризово" каде во најтешки услови бил во „специјалната ќелија" и бил чуван од посебна стража и му биле дозволувани само триесет минутни прошетки на одредено место во затворот и еднаш неделно биле дозволувани посети на членовите на неговото семејство. Додека бил во затвор, властите често му нуделе да признае и потпише дека згрешил и се покајува, по што животот ќе му бил наполно обезбеден.

Семејството на Методија Андонов Ченто поднело жалба на пресудата која е одбиена. Решението за одбивање на жалбата го пренесуванме во целост:

До Окружниот суд Скопје

До Врховниот суд на НР Македонија

Жалба од Методија Андонов Ченто осуденик на КПЗ Идризово

Окружниот суд на 21 ноемв. 1947 година донесе решение со кое се одбива барањето (поднесено од Василка Андонова) за помилување врз основа Указот од Президиумот на Народната скупштина на ФНРЈ од 9 мај 1947 година. Мотивот за едно вакво решение е тоа што моето дело се смета како шпионажа.

За доказ дека ова решение не е правично, е тоа што пресудата (11 години затвор) е заснована врз доста неверни сведочења и обвиненија, сите тие (употребени), како материјал против мене, но од друга страна, се пропуштени и нецелосно се изнесени доста верни докази кои беа во полза на мојата одбрана. Натаму, не знам од која причина, моја жена не поднесе жалба на пресудата во определениот рок, иако таква жалба беше подготвена, со цел да излезе на видело (да се расветли) материјалната вистина, а тоа е дека немам кривично дело за шпионажа. Затоа го давам следното

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

На претресот пред судот како материјал за делото за кое сум осуден беа: обвинителниот акт, исказите на другите обвинети, исказите на сведоците и речта на јавниот обвинител. Покрај тоа што имаше доста невистини во врска со делото, на судот и моето политичко минато беше прикажано во најцрна боја, за да послужи како поткрепа на обвиненијата и како придонес за построга пресуда. Поради тоа сметам за потребно да одговорам поодделно за секој случај, бидејќи на претресот бев ограничуван во моите одговори, особено (ограничен) во мојот завршен збор и на тој начин не беше изнесена материјалната вистина. На прво место ќе се задржам на моето политичко минато што е во врска со процесот, иако сметам дека тоа не е толку важно, но, сепак, зарад хронолошкиот ред, би почнал од него.

За време на стара Југославија се занимавав со политика, бев прогонуван од 1929 до 1941 година, многупати казнуван, повеќе пати лежев затвор... Од 1935 до 1939 година бев „мачековец" затоа што Мачек беше федералист, за политички и национални права на македонскиот народ и за негова економска заштита. Во 1939 година Мачек се откажа од југословенската федерација, а тогаш и јас се откажав од него, бидејќи и натаму останав федералист. Една година потоа кога тој беше потпретседател во владата, јас два пати паднав во затвор и одлежав девет месеци во апсаните, два пати бев обвинет според Законот за заштита на државата, а вториот пат ќе бев осуден на многу години ако не капитулираше стара Југославија. Токму во тоа време бев во затвор во Баина Башта. На 15 април 1941 година два пати ќе бев и стрелан, еднаш од жандармеријата еднаш од воената полиција, односно од Прекиот воен суд, кога благодарение на интервенцијата на граѓанството бев спасен во последен момент.

Кога се вратив од Баина Башта на поминување во Скопје, бев повикан од Македонскиот национален комитет кој имаше карактер на - македонска територијалност, бугарска националност, а негов претседател беше Стефан Стефанов. Комитетот го определи адвокатот од Кавадарци - Атанасов, да ми објасни дека треба да соработувам со бугарската власт, бидејќи Македонија се обединила со Бугарија. Мојот одговор во присуство на Матов и инженерот Цветко беа дека јас нема да соработувам со бугарската власт, затоа што не се чувствувам Бугарин, туку Македонец, и затоа што за мене е важно обединувањето на цела Македонија и на националните права на Македонците. Овој разговор е воден на 26 април 1941 година, прв и последен во врска со Стефан Стефанов и со Македонскиот национален комитет. Тоа го знае и Киро Платник.

Поради тоа, а и поради други причини, јас паднав во немилост кај бугарската власт. Кога почна војната меѓу Германија и Советскиот Сојуз, бугарските агенти забранија кај мене да се слушаат вести од Радио Лондон. Истовремено бараа факти за студенти - комунисти, што соработувале политички со мене, меѓу другите и за Кузман Јосифовски. Еден ден кога имаше агенти во дуќанот, дојде Кузман, го отвори радиото да слуша вести од Лондон, а јас за да го спасам, бидејќи тој не ги знаеше агентите, наеднаш му го затворив радиото и без објаснување му реков да си оди. Тој замина изненаден. Но, по некој ден, се објаснивме и Кузман за сето тоа остана благодарен.

На Петровден 1941 година се растурија првите комунистички летци во Прилеп. Како први политички жртви за нив бев јас, Благој Попов, сегашниот јавен обвинител и брат му Никола, сите истовремено, во еден ден паднавме во затвор. Веднаш по моето затворање, агентите го чекале Кузман Јосифовски да дојде во чаршијата, во дуќанот кај мене, но моите калфи го спасиле и оттогаш Кузман стана илегален - партизан, а јас четири пати паднав в затвор, еднаш бев испратен во интернација, па испратен во логор. Во септември 1943 година бев слободен. Тогаш добив писмо пишувано со рака, по другарката Драга (жена на Никола Влажалски, јавен обвинител) за состанок со Кузман Јосифовски во Скопје. На тој состанок, покрај другото, решивме да заминам во партизани и со врските што ми ги даде Кузман, јас тргнав кон Дебарца. На Илинден 1944 година бев избран за претседател на АСНОМ.

Од 2 Август, од Илинден 1944, до 16 април 1945 година, Президиумот на АСНОМ беше и законодавно тело и народна влада. Јас како народен претставник и како претседател на Президиумот имав право и должност да предлагам да се извршат некои исправки таму каде што го сметав тоа за потребно, според моето мислење и со најдобра намера. Во тоа време имаше некои мои предлози неприфатени, но тие не беа ниту противнародни, ниту противзаконити. Ете тие мои предлози во обвинителниот акт (во обвиненијата) се наречени како „несогласување" и како противнародни.

Овие „несогласувања" се окарактеризирани како против внатрешната и надворешната политика на ФНРЈ, па така обвинителниот акт и пресудата, се засновани врз „моето несогласување со внатрешната и со надворешната политика на ФНРЈ". Од исказите на сведокот Трајко Бешоски и на обвинетите Неделко, Борис и Митре, може да се види Разликата - противречноста, бидејќи тие, особено исказите на обвинетите, се неверни, и се дадени со цел и со надеж тие лично да бидат ослободени од секаква казна. На пример:

Неделко Митрески, обвинетиот, изнесе дека јас сум сакал во Грција да организирам чети за борба против ФНРЈ. За доказ дека ова сведочење не е верно, доволно е ако се спореди со исказот на сведокот Трајко Бешоски, кој е мој противник, а кој, меѓу другото, сведочи дека „Методија Ченто му рекол на Трајко Бешоски оти не сакам ниедна капка крв повеќе да се пролева за Македонија и дека ќе гледам веднаш со параход да заминам од Солун". Фактички, јас му кажав во разговорот и на Неделко дека од Солун ќе гледам да заминам во Америка и тој се согласи да киниса и да не се дели од мене. Неверноста за организирање чети може да се процени и според тоа што јас никогаш не сум бил терорист во политичкиот живот, а тоа е најпотребно за еден организатор на такви чети. Од друга страна треба да се цени и тој факт дека јас имам толку свест и знам дека со чети земја не се презема, па и кога би го сакал тоа. На Неделко му ги објаснив причините за намерата да заминам надвор, но тие причини беа сосема извртено прикажани.

Борис Загоранлиев изнесе дека сум му рекол дека имам намера да емигрирам, сум му дал копија од предлогот на уставниот проект за да види од кои причини дошло до мојата оставка и до моето решение за емигрирање, потоа дека сум сакал пред Мировната конференција да го изнесам прашањето за обединување на Македонија под протекторат на некоја голема сила. Или, ако тоа не се успее на Мировната конференција, тогаш дека ќе се вратам во Грција, и со насилство, Вардарска Македонија ќе ја соединиме со Грција. И како, по сето тоа, сум му предложил да замине со мене.

Верно е дека на Борис му кажав оти сакам да заминам, дека разговаравме заедно да го направиме тоа, но јас, на вториот разговор, му откажав. Верно е оти му дадов копија од предлогот на уставниот проект да прочита, а во врска со тоа го допревме и обединувањето на Македонија. Имено, дека покрај Трст и обединувањето на Македонија може да биде поставено пред Мировната конференција, но, не токму од мене. Верно е тоа оти му реков дека и во емиграција да сум за време на Конференцијата јас ќе го поддржувам обединувањето со правото на самоопределување, но во никој случај не реков дека Македонија треба да биде под протекторат, или ако тоа не се успее на Конференцијата, тогаш, по пат на насилство да се соедини Егејска Македонија во федерација со Грција. Ова може да се процени и по логиката на здравиот разум, дека ако на една Мировна конференција не биде решен еден проблем, тогаш тој никогаш нема да биде решен со насилство и, конкретно, со грчка сила и со грчка помош да се земе земја од Југославија. Мислам дека секој свесен човек ќе процени, оти таква глупост кај мене не може да биде.

Митре Митревски изнесе дека тој ден, пред да тргнам, сум му рекол дека ќе бегам преку граница. Дека ќе ја ставам главата в торба, дека не испадна така како што мислев... јас не се сеќавам точно дали така сум му рекол. Но, и да сум рекол, сметам дека тука нема дело за шпионажа. „Ќе ја ставам главата в торба", тоа само по себе се разбира за ризикот на границата и преку неа, „не испадна како што мислев", тоа е верно, оти никогаш не мислев дека мојот живот ќе биде во опасност и во моја Македонија.

Трајко Бешоски, сведокот, изнесе дека сум му рекол оти сакам да бегам во Солун, да ми најде човек кој ќе ме пренесе преку граница, а јас од Солун да заминам со некој американски параход пред време, пред почетокот на Мировната конференција за да би можел да се заложам за обединувањето на Македонија. Дека, со помош на Англија и Америка, Македонија ќе биде обединета, а за неа не сакам ниедна капка крв да се пролее, освен тоа, печалбата од тутунот треба да е во нашето ќесе.

Исказите на Бешоски приближно се верни, бидејќи е опфатена смислата, но тие не се целосни за да се процени токму вистината. Има извесна измена на одделни зборови за кои мислам дека не се намерно сменети, меѓутоа, од друга страна, тие се на моја штета. Исто така, има пропуштени зборови од нашиот разговор кои се многу важни за да се види материјалната вистина, бидејќи се однесуваат за обединувањето и врската на Русија, Англија и Америка.

Имено, нема веќе потреба за борба. Обединувањето на Македонија може да стане на мирен начин и тоа ќе биде најдобро. Јас лично не сакам ниедна капка крв повеќе да се пролева за Македонија. Но, за обединувањето е потребно на прво место согласност со големите сили, Русија го признава нашето прашање, а тоа не е доволно, бидејќи треба да е признато и од Англија и Америка. Во тој поглед ние сме должни да се залагаме, особено сега, пред Мировната конференција, за правото на самоопределување.

На претресот, бидејќи немав право да му поставувам прашања директно на сведокот, туку индиректно, преку претседателот, јас го запрашав да каже што сме разговарале во врска со големите држави. Арно ама претседателот на судот рече: „Не се сеќава старецот за тоа", и така Бешоски не одговори ни со да, ни со не, и тој важен дел од разговорот остана неразјаснет. Што се однесува за ќесето, за тутунот, тоа не е никаква тајна, бидејќи сум дал писмен предлог за уставниот проект. Од целиот разговор со Бешоски, сметам дека нема дело за шпионажа...

...Во обвинителниот акт, но не и пред истражната власт и пред јавното обвинителство, се спомна некаква оружена банда од десет души. Што е верно или неверно, за каква банда станува збор, знаат само тие што ја споменаа. Од моја страна, тврдам, дека ништо и никакви врски не ми се познати, ниту пак од некого сум чул за некаква банда, што пак може да се процени од претресот пред судот и од моите разговори со обвинетите и со сведокот. Јас наполно сам сакам да одам во Солун и потоа надвор од Грција. Логично е дека, доколку сум имал некаква врска со каква било банда, тогаш во никој случај не ќе беше потребно јас да ѝ пробивам пат на бандата за Грција, туку би било обратното.

Чудно е и тоа, што не беше спомнато ниту едно име на тие бандити, ниту место од каде што се тие, иако ова беше многу важно за судот. И најпосле, во една и пол година откако сум досега во затвор, сепак ќе се најдеше некаква трага на таква банда, и на некаква врска доколку имала таа со мене.

Петре Талев сведокот тврди дека како претседател на ГНО во Прилеп забранил на некој од муштериите да доаѓаат кај мене. Тој изјави дека сум против еднократниот данок. Меѓутоа, јас го потпишав како претседател решението за тој данок. Предлагав да се исправат грешките - конкретно Струмица требаше да плати три милиони, а Прилеп 149 милиони, а се мислеше и до 170 милиони лева, на некои фирми, многу, а на онаа во којашто тогаш бев и јас, малку, па дадов предлог на оваа фирма (иако тоа ќе биде на моја штета) да ѝ се покачи данокот од 300 илјади на еден милион. Една фирма, немајќи во тие денови готови пари да го плати данокот, внела и злато за кое немаше определен курс. По некоја недела фирмата добила пари и со нив отишла да го плати данокот, но да си го земе златото. Петре тогаш мене ме праша како да постапи. Моето мислење беше: кога нема курс за златото и кога фирмата го плаќа данокот како што е задолжена со пари, тогаш правилно е златото да ѝ биде вратено. Овој мој предлог не беше примен, меѓутоа, не ќе беше никакво зло и доколку се примеше.

За Киро Платник ќе беше чесно ако кажеше дека две години од мојот дуќан и нему и на другите прилепски партизани им испраќавме храна и други потреби поради што јас четири пати паднав во затвор. И друго; дали Кузман Јосифовски ќе одржуваше со мене состанок во 1943 година во Скопје, доколку бев негов непријател. Платник злонамерно ја прикажа мојата интервенција за некои смртни казни. За тоа јас јавно говорев во Народното собрание ва 15 април 1945 година, а потоа бев избран за претседател на Президиумот. Сведокот Ристо Бајалски, народен претставник, потврди дека во истата смисла ме нападнал во Собранието, а потоа злонамерно го прикажа мојот предлог за уставниот проект кој не е тајна, а кој не е кривично дело.

Јавниот обвинител во својата завршна реч ги потврди сите точки во обвинителниот акт и сите искази од обвинетите и од сведоците, без оглед дали се вистински или не. Покрај другото, го прикажа мојот политички живот во стара Југославија и врските со Мачек и со Драгољуб и случаите со Стефанов и Кузман Јосифовски Питу. За случаите со Мачек, со Стефанов и со Кузман доволно е она што веќе го изнесов, додека за Драгољуб можам да речам дека во стара Југославија имав врски по препорака на прогресивните македонски студенти меѓу кои беше и јавниот обвинител Благој Поповски. Инаку, ќе беше чесно ако Поповски спомнеше дека јас и тој како први жртви за време на окупацијата паднавме во затвор на Петровден 1941 година.

Општо земено, ете, на тој изнесен материјал, верен или не, е заснована пресудата со толку строга казна. При една објективна анализа може да се утврди дека има законски прекршок за обид за нелегално преминување на границата-емигрирање, но во никој случај нема ниту обид, ниту цел, ниту дело за шпиунажа, ниту цел за оружена борба, ниту цел за отцепување земја од Југославија, ни за присоединување со Грција или пак Македонија да биде под нечиј протекторат.

Од сето тоа може да се констатира дека обединувањето на Македонија ме интересира и дека според моето мислење како најправилно решение сметам дека е - правото на самоопределување и дека таквото мислење ќе го подржувам и тогаш кога би се нашол во странство, како емигрант.

Ова нешто не го кријам, бидејќи го сметам за свој долг, тоа нешто сум го предлагал да влезе и во уставниот проект, мислејќи на сите три дела на Македонија, а не само на Вардарска, како исклучително нешто.

Основните и оправданите причини што можеа да ме доведат и што ме доведоа до едно такво решение за емигрирање на еден психолошки момент се следниве: кај секој политичар може да се најде нешто специфично. Тој беше случај и кај мене. За некои работи јас имав поинакво гледиште од другарите. Еден таков случај беше и моето видување и на уставниот проект. Јас дадов писмен предлог (амандман) да се воведе правото на самоопределување и да се даде поголема компетенција на народните републики во економскиот сектор. Поради тоа и поради некои други од порано различни, но не и противнародни или противзаконити гледишта, против мене почна кампања.

Јас сакав да ја избегнам оваа кампања, но не толку поради мене, колку за општите политички интереси, бидејќи бев претседател на Президиумот. Поради тоа презедов мерки, за да не се шири таа кампања против мене. На 7 март 1946 на Конференцијата на Главниот одбор на Народниот фронт во Скопје, од 12-мина бев злонамерно нападнат со многу неверни работи. Меѓу другото и како противник на аграрниот закон, а моето гледиште за овој закон беше следново: да им се остави по некој хектар земја и на оние земјопоседници што имаа повеќе од 25 хектари, за да можат да работат и со својот личен труд да живеат. Ова мое гледиште им е познато на сите тогашни членови на Президиумот. Практиката докажа дека сум бил во право. Извесно време по мојата оставка, централниот закон во тој поглед донесе измена. Покрај другото, бев нападнат и како пријател на ЈРЗ, на Германците и на Џемо, а цела Македонија знае и тие што ме нападнаа знаеја дека сум се борел и против ЈРЗ и против Германците и против џемовци. Покрај другото, бев нападнат и за амандманот на уставниот проект. Ми беше речено дека „од функцијата ќе те избркаме".

Ете, сите тие работи ми налагаа како свесен и чесен човек да си дадам оставка на сите функции што ги заземав и да се повлечам од политичкиот живот на чесна работа. Отидов во Прилеп и мислев дека ќе имам спокоен живот, со труд ќе ја хранам фамилијата и нема никому да пречам кога немам власт. Арно ама, како резултат на она што стана во Скопје, на фронтовската конференција, работите во Прилеп зедоа судбоносен развој. Како поважни од нив се следниве: забрана на луѓето да пазарат кај мене; синдикатот не дозволува да ми се дава пиво, иако имав услови да точа; во Народното собрание Платник и Бајалски остро истапуваат со заплашување против тие кои доаѓаат кај мене на дуќан: по селата се агитира да не доаѓаат селаните да пазарат во мојот дуќан, конкретно, Трајко - претседателот на селото Бешиште. Во Битола некоја улица што носела мое име е сменета со друго. Сменувањето само по себе ништо не значи, но, коментарите и нападите против мене по тој повод имаат значење.

Милан Јаневски, саатчија од Прилеп, во очи директно ми вели: „ќе те уништи власта". Но, јас и на тоа не би давал некакво значење, ако тој Милан, во тоа време немаше пет сина важни политички функционери; Лазо Чешлар ми рече дека „како троцкистите така и тебе ќе те убиеме". И на тоа не би давал некакво сериозно значење ако тој Лазо, немаше син шеф на јавната безбедност во Прилеп.

Прв пат во време на стара Југославија, втор пат за време на окупацијата, мојот дуќан беше жигосан како антидржавно собиралиште, а моите муштерии заплашувани и казнувани, но никогаш не мислев дека мојот дуќан и моите муштерии и по трет пат ќе бидат на ист начин жигосани и тоа во Народното собрание на Македонија.

Во стара Југославија, Србите, за време на окупацијата на Бугарија, ме заплашуваа со убиство, но никогаш не се надевав дека и Македонци ќе ми се фалат со убиство.

Малку ли се овие неброени факти - погледнато од економска и од политичка гледна точка - едни од нив да ме доведат да си дадам оставка, а други да се решам, да бегам од Македонија, оставајќи го најмилото, татковиот дом, жената и четирите ситни деца на неизвесна судбина, ризикувајќи го и својот живот?

Јан Хус, кога горел на огнот, некоја стара доодена баба не можејќи да донесе поголемо дрво, донела само една прачка и ја ставила на огнот, за да си го исполни својот свет долг. Ете тие нејзини потомци јас ги почувствував на себеси.

Пред судот, на претресот, бев нападнат зошто да бегам во времето пред Мировната конференција, зошто да бегам во Грција, натаму зошто во Америка и зошто во Солун да го барам Петре Соколовски кого обвинителот го опиша како револуционер.

Во Грција мислев да заминам затоа што тука ми беше најблиску границата и затоа што во Караџова имав познати Македонци кои ќе ме одведеа тајно до Солун, каде што исто така имав познати кои ќе ми помогнеа да заминам со некој параход од УНРА за Америка. Таму имам роднини и пријатели Македонци, кои ќе ми помогнат за мојата егзистенција, за да не зависам политички од никого освен од своето убедување.

Низ Грција сметав да минам тајно бидејќи се плашев од грчката власт и тоа зашто на митинзи јавно сум го осудувал режимот за теророт над Македонците. Ако не ги најдев другите познати, во краен случај мислев на Петре Соколовски, бидејќи тој повеќе од 15 години е чиновник во Солунското пристаниште, го познава движењето на параходите, а како прилепчанец сметав дека ќе ми помогне, но дали тој ќе сакаше и ќе можеше, тоа ќе беше негова работа. Доколку не ми помогнеше, мислев оти нема да ме издаде на грчката власт. Неговото политичко минато јас го знам, тој беше во немилост за време на шестојануарската диктатура и затоа отиде да живее во Солун.

Пред судот беше спомнувана Мировната конференција. Што се однесува до неа, тоа е една случајност. Била или не Мировната конференција, јас бев принуден да заминам поради напред изнесените причини, но, не како шпион. Во Македонија или надвор од неа каде и да бидам, секогаш имам исто видување за обединувањето, а тоа е право на самоопределување, соединување или отцепување, за да може слободно да решава по своја волја народот од сите три дела на Македонија. Но во никој случај сум немал цел за отцепување на Вардарска Македонија од Југославија и соединување со Грција.

Сметам за потребно да напоменам и тоа, ако е некој шпион, тој ќе трпи секакво понижување и нема да се откаже од функцијата што ја зазема, за да може поуспешно да ја постигне својата цел. Друго, во текот на една и пол година откако сум во затвор, настанаа многу промени во ФНРЈ и посебно во Македонија. Ако имав нешто во врска со шпионажа што би било исто така во врска и во поткрепа на неверните искази против мене, сепак ќе се најдеше досега некоја трага. Конкретните примери за тоа се доказ.

На крајот во пресудата е речено: казната е строга затоа што обвинетиот Ченто не покажал каење.

А како да се каам за дела кои ниту сум ги сторил, ниту сум мислел да ги сторам!

Јас сметам дека пресудата ќе беше сосем поинаква доколку: не бев ограничуван особено во мојата завршна реч, доколку беше прочитано писмото во американскиот весник „Народна волја", и доколку беа повикани уште тројца сведоци како најважни во делото: Трајко претседателот на селото Бешиште, Милан и Лазо од Прилеп, бидејќи беше во прашање мојот живот. А дека треба да се ценат како веродостојни моите наоди, е тоа што јас не посочив да се повикаат за сведоци мои пријатели кои ќе ме бранат, туку мои противници, за да се види материјалната вистина. Од тие шест сведоци, тројца што дојдоа пред судот ги потврдија моите наводи. Оттука треба да се цени дека е верно и тоа што го изнесувам за сведоците кои не беа повикани.

Од сето горе изложено јас се надевам дека Врховниот суд ќе види оти во моето дело нема вина за шпионажа и дека имам право на помилување по Указот. Се надевам дека правдата ќе биде задоволена.

Скопје, 4 декември 1947

Пуштен е условно на 4 септември 1955 година, по одлежани 9 години и 4 месеци затвор. Сепак затворскиот живот остава траги врз неговото здравје. Бара од Тито да му дадат пасош за да отиде да се лечи во Швајцарија, но бил одбиен. Осамен и во тешки болки и маки, Ченто на 24 јули 1957 умира од рак на желудникот, во својот дом во Прилеп. И по излегувањето од затворот не се откажал од идеите на самостојна и обединета Македонија.

Долги години по смртта, Методија Андонов - Ченто бил табу тема и ретко бил спомнуван во историските книги и учебници, а и јавните разговори поврзани со него биле строго забранети. Во 1990 година, на барање на неговиот син Илија Андонов - Ченто, е обновен судскиот процес против него и на 22 октомври, по повторената кривична пресуда, Окружниот суд во Скопје ја укина пресудата од 1946 година. На 22 октомври 2010 година, претседателот на Република Македонија Ѓорѓи Иванов постхумно го одликувал Ченто со „Орден на Република Македонија" орден кој го имаат само поранешните претседатели на Македонија и три реномирани македонски институции.

Vesnik.com

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата