Овде и сега

Пред падот

10.07.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Пред падот

Постојат многу начини да се типизираат провладините пропагандистички тромбони кои се активираа деновиве. Има и соодветна лексиколошка, тематска, структурална и психолошка димензија, преку која може да се прочитаат стравот, очајот, избезуменоста, но и во истовреме и заробеноста, особено на јавните дејци, интелектуалата која се витка под чизмата на окупаторот кој ја зароби нивната широчина со ситни услуги, крупни грантови грантови и нешто кеш...

Верувам и од Месечината да погледнеме, ќе ја видиме целата оваа легија на измамени и покриени мозоци, кои со огромна агресија се принудени да го бранат она што длабоко во себе си не веруваат дека е право, па усилбите и наративот стануваат пустелија и не досегнуваат подалеку од нивната сопствена сенка. Има вистина и дека до ова дереџе до кое дотеравме не се виновни само актуелниве узрупатори на власта во Република Македонија. Овој систематски метод за рушење на достоинството и угледот во македонското општество започна многу порано и во истиот учествуваа речиси сите општествени, културолошки и политички фактори. Она што останува енигма е секако дилемата која се повторува околу прашањето за тоа: Како успеаа толку да се провлечат, а да не можеме да забележиме или да им се спротиставиме?

– И, воопшто како е можно да се доведеме до овој степен на општествено лудило, во кое грижата за стомаците стана кредо за сметка на губењето на свеста дека секој ден, секој час, со ваквото неодговорно однесување, стануваме алатка во рацете на оние кои со задача по кој знае по кој пат во историјата, насилно го бришат постоењето на Македонскиот народ, а во современиево, несомнено и Македонската национална држава.

Македонскиот народ, но и генерално целокупното македонско граѓанство е/се соочен/и со валканата игра на Концертот кој го спроведува етапно и во фази планот за бришење на Македонија од политичката мапа на светот. Овој факт не е нов, ниту пак е изненадувачки, но, она што го карактеризира во актуелната смисла на зборот е сочинето во можноста да се употребат демократските алатки со кои можеме од внатре да направиме битна разлика кон надвор. Од таа неоспорна вистина, доколку сме изградиле свест за себството и за сопството, можеме да ги надминеме недоразбирањата и со засукани ракави да започнеме со детоксификацијата на македонското општество од разно разните транзициски воајери, политички циркузанти, грантираните/тренирани примати и низа други кочничари и манипулатори кои ја исцицаа капка по капка секоја можност за исчекор на нашата држава.

Затоа не се согласувам со моите умни колеги и пријатели, кои без напор констатираат дека оваа работа е комплетно завршена и дека нема можност да се промени сликата на подобро. Секако дека може и секако дека мора. Она што е потребно најпрво да го сториме е да почнеме да се сеќаваме кои беа играчите кои ја поставија политичката игра во Македонија и да започнеме од една шепа луѓе кои несомнено ќе треба да одговорат на прашањето: Колку чинеше нивниот учинок во целата оваа баханална трагикомедија?

Понатаму, треба да се свртиме и кон транзициските магнати и нив да ги провериме: Како дојдоа до тоа што сега ја продуцира нивната недопирливост, нивната надмоќност и нивната суета? – Тука секако треба да ги погледнеме и службите, кои несомнено имаа огромен учинок во дејствувањето на оние првите и за крај, треба да ги преиспитаме чекорите на политичките елити, последниве десет години и да утврдиме кои беа „добрите“, а кои „лошите“ полицајци, во сценариото за раскрчмување на Република Македонија и бришењето на македонскиот национален идентитет!

За сето ова не е потребно никакво четири милионско СЈО, дури не е потребно ни едно гласило или информатички центар, она што треба е да се отворат ширум очите и да се погледне наоколу, за нештата да станат јасни. По оваа иницијација на тестот за зрелоста, нема да биде воопшто тешко да разбереме како се дисциплинираат политичките елити од страна на граѓаните и како треба да се постапува во иднина.

Зошто е тоа важно?

– Важно е бидејќи оваа иднина е многу скоро, а времето не работи во корист на извршителите. Маските се одамна паднати, а искубаниот Левијатан е ранет и тешко ја поднесува гангрената која полека му стасува до шијата. Токму затоа пред падот е потребно да се погледне подлабоко, потребно е да се издигнеме над маглите и стравот и треба посигурно да зачекориме и да го побараме она што е загарантирано со Устав и со закон. Треба да побараме ревизија на целата оваа измама и остро да ја покажеме нашата увереност дека нема да има втора шанса за оние кои ќе се осмелат да ја искористат довербата на народот за сопствени цели.

Ранетиот ѕвер завива од болка, а празнотијата на лажните месии ја препознавме сите. Време е за промени, време е за нашиот одговор!

Иванка Василевска, Универзитетски професор (10 јули 2019)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата